nevreme

Досега поднесени 65 пријави за штети од последното невреме во Охрид

Охрид, 14. мај 2018 (ИНПРЕС) –  До Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди до денес се пристигнати 65 пријави за штети предизвикани од невремето проследено со ветер, силен дожд и град што на 6-ти мај го зафати Охрид.

Најголемиот дел од пријавите се однесуваат за насади и посеви под овошни и градинарски култури, вели за Супер радио и OhridPress претседателот на комисијата, Радован Велјаноски.

– Најмногу пријави за штети на земјоделски површини се од жители од селата Косел и Ливоишта, а процентот на оштетувања се движи од 60 до 100. Пријавувањето е во тек, по што комисијата ќе излезе на терен да изврши проценка, истакна Велјаноски.

Пријавувањето на штетите може да се изврши секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот во Општинскиот услужен центар, во архива на општина Охрид, или на телефонскиот број 046/262-493 локал 206.
Покрај барањето, пријавите треба да бидат дополнети со фотокопија од лична карта, фотокопија од трансакциска сметка и доказ за сопственост на имотот (имотен лист), а доколку лицата поседуваат фотографии од нанесена материјална штета на нивните имоти (земјоделски површини засадени со култури, станбени објекти, земјоделски објекти, деловни простори) истите да ги приложат кон барањето.

Што се однесува пак до постапката за обесштетување од ланските земјотреси во Охрид, Велјаноски побара трпение од граѓаните, наскоро ќе бидат обесштетени.

– Имаше околу 35 објекти кои беа најоштетени, кои не се за живеење. Од Републичката комисија добивме допис дека треба да се пратат записници и слики. Потоа останува уште постапката да помине на Влада и да се утврди висината  на обесштетувањето во зависност од штетата, од прва, втора, трета четврта и петта категорија, вели Велјаноски. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest