sobranienamakedonija

Охридската „Жан Моне“ средба, можност за реформи во работата на Собранието

Охрид, 14. мај 2018 (ИНПРЕС) – Деловникот за работа на Собранието, Етичкиот кодекс, буџетската независност на македонското Собрание, се дел од прашањата што се очекува да бидат дискутирани во рамки на Жан Моне процесот, чија прва средба ќе се одржи кон крајот на неделава во Охрид, јавува МИА.

Ваквиот начин на дискусија меѓу пратениците од македонското Собранието го иницираа тројцата европратеници Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан, кои ќе присуствуваат на состанокот во Охрид. Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан нема да присуствува на средбата, но, според агендата, предвидено е негово видеообраќање.

Освен претседателот на Собранието Талат Џафери, според последните најави, во Охрид ќе бидат и тројцата потпретседатели на Собранието, координаторите и по тројца пратеници од пратеничките групи. Средбата треба да почне во четврток вечер, а главните активности, според последната агенда, се во петок на 18-ти мај.

Разговорите треба завршат со вечера на која се поканети и лидерите на парламентарните политички партии. Поканети се премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, кој го потврди присуството, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој, исто така, ќе присуствува, лидерот на ДУИ Али Ахмети, на ДПА Мендух Тачи, од Алијансата на Албанците Зијадин Села и од Беса Билал Касами. Ова би можело да биде првата средба на лидерите, по разговорите на Заев со грчкиот премиер Алексис Ципрас на Самитот во Софија на 17-ти мај. Дополнително Мицковски ќе присуствува на состанокот на Европските народни партии на 16-ти мај, исто така, во Софија.

Средбата во рамки на Жан Моне процесот може да се смета како дел од реформите во земјата имајќи предвид дека прашањата за конституирање на Парламентот и за пратенички прашања се дел од планот 3-6-9, а овие разговори треба да придонесат и за подобрување на политичкиот дијалог.

На средбата во Охрид и претходеа усогласувања на ставовите на пратеничките групи, особено за Деловникот за работа на Парламентот и за Етичкиот кодекс.

Според извори во пратеничките групи усогласени се прашањата поврзани со конститутивната седница, за скратување на роковите за интерпелација, прашањето за надзорната расправа да биде внесено во Деловникот и да се допрецизира, ќе има мало проширивање на постапката за донесување на буџетот и ребалансот на буџетот со нови рокови и процедури, воведување на критериуми и постапка со конкурс за избор на генерален секретар и негови заменици, воведување на регулатива за воспоставување на собраниски календар, потпретседателите на Собранието да ги имаат истите процедурални права, како и координаторите на пратеничките групи, потпретседателите од опозицијата да имаат право да воведуваат спор во однос на почитувањето на Деловникот, на секоја втора седница на Собранието првата точка на дневен ред да биде предлог на опозицијата, член 24 од Законот за Собрание каде што е утврдена надлежноста на координаторите да се стави во Деловникот, посебно собраниско обезбедување независно од МВР, при свикување на итни седници претседателот да даде образложение во решението за свикување седница, а усогласени се и нови правила за пратенички прашања.

Она што го бараат владејачките партии предводени од СДСМ, а не е прифатливо за ВМРО-ДПМНЕ, е ограничување на расправата за секој закон на три дена, како и да се дефинираат и формите на пратеничките групи.

Од друга страна опозицијата и ВМРО-ДПМНЕ бараат независен собраниски буџет односно Министерството за финансии да не одлучува за буџетот на Собранието, како и посебен независен статус на собраниската администрација. Пратениците од опозицијата бараат за законите по скратена постапка да се гласа со двотретинско мнозинство, да постои можност за утврдување одговорност за прекршување на Деловникот од страна на претседавачот со пленумот или работното тело и ограничување на бројот на потпретседатели и заменици на генералниот секретар.

Од ДУИ, пак, велат дека нема прашања што тие ги отвориле, а кои не се усогласени. Нивните очекувања се од оваа средба да се изгради култура на консензуализам на парламентарните партии за значајни натпартиски прашања како што се реформите, евроинтеграцискиот процес и друго. Пратениците не исклучуваат на разговорите во Охрид да бидат отворени и други прашања за дискусија.

Претседателот на Парламентот Талат Џафери во изјава за МИА вели дека се е подготвено за средбата во Охрид и дека очекува власта и опозицијата да постигнат крајна усогласеност за прашањата поврзани за измени во Деловникот. Битно е, вели тој, тоа што се покажало како спорно да се усогласи. Џафери смета дека, исто така, е потребно усогласување во однос на прашањето за целосно отворање на Деловникот во некој нареден период.

Во однос на финансиската независност на Парламентот, тоа е прашање што било отворено во Вилтон парк и оти за ова е потребен подолг временски период и дебати.

Средбата во Охрид, според него, би требало да биде уште еден придонесе кон условно кажано враќање на политичката култура во Парламентот. (Крај)

извор: МИА фото: ИнПрес

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest