jubilej-crkva-640x360

Охрид одбележува еден милениум од постоењето на Охридската Архиепископија (Фото)

Охрид, 27. мај 2018 (ИНПРЕС) – Со молебен, свечена академија и концерт на Македонската филхармонија, Охрид  го одбележува значајниот јубилеј еден милениум од постоењето на Охридската Архиепископија.

На свеченоста присуствуваше државниот и црковниот врв, министри и други функционери, како и делегации од Србија, Бугарија и Турција.

jubilej 5

1000 god arhiepiskopija

jubilej crkva 2

Ова е настан што ја потврдува нашата вековна вистина, на која се потпираат и нашето минато, сегашност и иднина, истакна во своето обраќање Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан.

– Оваа наша Охридска архиепископија е сведок дека вистината е секогаш посилна од невистината, правдата од неправдата и љубовта од омразата. Духот на оваа славна наша архиепископија беше тоа што му даваше утеха на нашиот народ и го поттикнуваше да опстои. Историјата на охридската црква е историја на вековна духовна независност, на духовна сувереност на Македонија. Нејзината историја одела заедно со историјата на на нашиот народ. Слободата на архиепископијата била слобода на народот, рече г.г Стефан.

g.g. stefan

За историјата и делото на Охридската архиепископија во својот говор зборуваше Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г.Тимотеј.

– Малкубројни се црквите кои оставиле таков силен печат во времето и историјата, како што тоа го има втиснато и оставено Охридската архиепископија. Самиот настан веќе одѕвонува во времето, но и во вечноста. Тие 1000 години се проникнати во историјата на Балканот, но најмногу во историјата на македонскиот народ. Години исполнети со црковна традиција, вера, пастирска мудрост и светост. Историјата на Охридската архиепископија е историја на десет вековна црковна и духовна самостојност, независност и автокефалност засновата на Светиклиментовите традиции. Основањето на Охридската архиепископија со сите атрибути на самостојна автокефална црква, без сомнение спаѓа меѓу неколкуте настани кои може да го понесат епитетот на светско- историски настан. Од три епархии денес имаме 12, од незабележително монаштво пред 50 години, денес имаме над 200 монаси и монахињи, целосно се издадени богослужбените книги на македонски јазик, возобновени се многу храмови, манстири и црковни градби со што се оправдува возобновувањето на Охриската Архиепископија во лицето на Македонската православна црква, истакна г.Тимотеј.

g timotej

Со овој настан се сеќаваме на одлуката кога во 1018 година со трите златни печати на тогашниот византиски император била регулирана канонската положба и јуриздикција на архиепископијата со катедра во Охрид. Никој денеска не може да го порекне, тој посебен однос помеѓу Охридската Архиепископија и народот во Република Македонија, рече пред присутните премиерот Зоран Заев.

zoran zaev

– Охридската архиепископија била обединувачки, надетнички фактор, со оглед на фактот дека во тоа време црквата не била обременета со етнофилетизам и не била омеѓена од државните или од гранците на кралствата, империите од таа епоха. И како таква таа опстојувала се до 17-ти  мај 1767 година кога е укината, а нејзините епархии присоединети кон Цариградската патријаршија Паралелно со развојот на црквата на овие простори се одвива и историскиот процес на формирањето на македонскиот идентитет , кој во поголем дел го присвоил христијанството како верска определба. Сите идни премрежја и опстојби на архиепископијата се премрежја и опстојби на народот кој себеси се идентификува како македонски и ја започнува својата исконска и егзитенцијална опредлба и борба да го избори своето место како рамноправен, признаен и прифатен европски народ со автентичен идентитет. Народот во Македонија после Втората светска војна ги отвори и поттикна процесите за создавање на Македонската православна црква, која се повикува на духовните врски со својата изворна матица – Охридската Архиепископија, рече Заев.

Покровителот на манифестацијата, претседателот Ѓорѓе Иванов потенцира дека славејќи го овој голем јубилеј треба да бидеме свесни дека одлуката на Василиј II е констатирање на реалноста дека во Македонија веќе постоела организирана црква со црковна ерархија, која произлегувала од народот и постоела заради народот.

gjorge ivanov

– Охридската архиепископија во XI век не била нова садница на македонската почва, туку само една гранка на постарата народна црква на Самоиловата држава. А таа народна црква ја сочинувале учениците на првиот словенски епископ, Свети Климент Охридски. Тој најголем ученик на светите Кирил и Методиј го заокружил неколкувековното ширење на христијанството во македонските склавинии. Но, и тоа не е почетокот на црквата во Македонија. И тоа е само една гранка од разгранетото христијанско стебло. Луѓето, независно од нивната етничка, социјална, јазична припадност биле толку многу приврзани кон својата црква. Толку приврзани што ниту најмоќниот човек на најмоќната империја на 11. век, византискиот император Василиј II, не се осмелувал да ја укине. Туку ја потврдил, ја проширил и ја заштитил. И тоа е чинот што ние денес го празнуваме. Денес ја празнуваме потврдата на постоењето на црквата во Македонија во ликот на народната Охридска Архиепископија, рече меѓу другото Иванов.

jubilej crkva 4

jubilej crkva 3

На централната свеченост со пригоден концерт се приклучи и Македонската филхармонија, заедно со камерниот оркестар во придружба на хоровите од братството на манастирот Рајчица и Св. Јован Бигорски, а учествуваа и други црковни хорови и реномирани црковни солисти, под диригентската палка на Борјан Цанев, а беа изведени композиции со тематика од македонските тропари. Претходно беше отворена  и изложба на уметнички портети на македонските архиепископи.

1000 godini arhiepiskopija

За утре од 09:00 часот во црквата „Св.Софија“ е предвидено литургиско чествување, кое ќе биде соборно и со кое ќе чиноначалствува поглаварот на МПЦ-ОА, во сослужение на сите членови на Светиот архиерејски синод.

Активностите во рамки на програмата за одбележување на еден милениум од постоењето на една важна црковна и духовна организација која го обединувала нашиот народ, се распоредени во периодот од мај до декември. Предвидени се настани од различен карактер, научни и академски собири, издавање на значајни публикации, спортски културни, образовни и уметнички активности. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest