ohrid0310171

Охрид домаќин на Меѓународната научна конференција „Реформите на безбедносниот систем како предуслов во евроатланските интеграции“

Охрид, 4. јуни 2018 (ИНПРЕС) – Попладнево во Охрид ќе биде отворена 9- та по ред Меѓународната научна конференција „Реформите на безбедносниот систем како предуслов во евроатланските интеграции“ која е една од најголемите од ваков тип во регионот.

Организатор е Факултетот за безбедност-Скопје со поддршка на Фондацијата „Ханс Зајдел„ од СР Германија и Комората на Република Македонија за приватно обезбедување, а под покровителство на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.

Конференцијата ќе ја отворат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, потпретседателот на Собранието на Република Македонија д-р Фросина Ташевска Ременски, Директорот на Фондацијата „Ханс Зајдел“ за Југоисточна Европа д-р Клаус Физингер, претседалот на Комората на Република Македонија за приватно обезбедување м-р Верица Милевска Стефановска и деканот на Факултетот за безбедност-Скопје проф. д-р Никола Дујовски.

На дводневната конференција ќе присуствуваат професори од над 15-на земји меѓу кои од САД, Велика Британија, Германија, Белгија, Бугарија, Словачка, Турција, Србија, Хрватска, Словенија, Обединетите Арапски емирати, Косово и други.

Конференцијата содејствува со потребата од суштински реформи во безбедносниот систем на Република Македонија.
Мисијата на конференцијата е да се поттикнат академската заедница и практичарите од областа на безбедноста да разменуваат сознанија базирани на користење на научни методи за истражувања од областа, но и да се исползуваат искуства од практиката за да може на истите да им се даде научно-истражувачка димензија.

Научниот собир во Охрид треба да понуди решенија за идната поставеност на безбедносните систем со цел ефикасен одговор на современите ризиците и заканите по безбедноста, односно дестабилизирачките фактори кои создаваат состојби на конфликти.

Темата за реформите на безбедносниот систем се наметнува пред сè од рационални, економски, безбедносни и причини кои се поврзани со модифицирање на безбедносните закани и новото безбедносно опкружување.

Перспективите на реформираниот безбедносен систем во Република Македонија се поврзани и насочени кон остварување на стандарди за влез во Европската унија и НАТО. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest