pressnumb

Танески: Pink Floyd го одбележаа музичкиот карактер и насока на една цела генерација

Охрид, 14. јуни 2018 (ИНПРЕС) – Под влијание на нашите родители и повеќе генерации кои израснаа со музиката на Pink Floyd, се одлучивме на оваа иницијатива за изведување на нивните најголеми хитови, истакна музичарот Ѓоко Танески, носител на проектот NUMB Tribute to Pink Floyd.

– На иницијатива на нашиот гитарист Анатолиј Арнаудоски, кој беше иницијатор на овој проект, се одлучивме за еден ваков поголем чекор. Веќе неколку месеци напорно вежбаме и се подготвуваме за премиерата. Имаме уште време и секако дека ќе направиме песните да звучат онака како што треба затоа што Pink Floyd не само што се слуша, туку и се гледа. Сакаме да го изведеме проектот на неколку сцени во државата, но ако има интерес би сакале да го прикажеме и надвор, истакна Танески.

Тој додаде дека музиката е единствената работа во светот која ги обединува луѓето, а ако е квалитетна и базирана врз вистински емоции, нејзината вредност и трајност е уште поголема.

– Зад проектот стои екипа од 11 музичари од Охрид и Струга кои се веќе добро познати во јавноста. Димитри Алчев (гитара и вокал), Анатоли Арнаудоски (гитара), Ѓорѓи Калајџиевски (тапани), Владомир Кречоски (бас гитара), Никола Јосифоски (сајзери), Ангелко Јовчески (перкусии), Горан Папазоски (саксофон), Ѓоко Танески (вокал) и Ана Костадиновска, Сара Николовска и Весна Илиќ Павловска како пратечки вокали. Подготовките за концертот траат веќе неколку месеци, а ќе се изведат некои од највредните дела на култните Pink Floyd. Тука се „Shine on your crazy diamond“, „Learning to fly“, „Hey you“, „Another brick in the wall“ и уште 12 безвременски хитови, кои го одбележаа музичкиот карактер и насока на една цела генерација, истакна Танески.

Pink Floyd е една од највлијателните и најуспешни рок-групи на сите времиња. Со својата квалитетна мелодика и извонредна хармонија си обезбеди почесно место во историјата на рокот, и е на самиот врв на светската музика. Ако за некоја музичка група може да се каже дека ги премостила психоделичниот рок од 60-тите години на 20 век и електронските рок-експерименти од 70-тите години, сигурно, тоа се секако култните Pink Floyd.

Премиерата на проектот NUMB – Tribute to Pink Floyd е на 26-ти јули 2018 година на сцената „Долни сарај“ во Охрид. (Крај)

извор: ИнПрес фото/видео: ИнПрес

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest