donaldtusk-640x360

Туск на европска турнеја пред Самитот на ЕУ

Брисел, 18. јуни 2018 (ИНПРЕС) – Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, ќе ги посети клучните држави во ЕУ во наредните денови за да се обиде да изнајде компромис за мигранциската криза.

По средбата со белгискиот премиер Шарл Мишел, во текот на денешниот ден, Туск во периодот до 26-ти јуни ќе замине за Стокхолм, Мадрид, Рим, Виена, Будимпешта и Берлин, главни градови на европските држави со дијаметрално спротиставени гледишта за политичкото решение на миграциската криза, која кулминираше со бродот „Аквариус“ минатата недела.

На бродот не му беше дозволено да вплови во Италија, Малта и според некои извори и Франција, за потоа да биде прифатен во Шпанија, каде новата социјалдемократска влада има поотворен став кон миграциските прашања.

Обидите да се реформира политиката на азил и правичната поделба на барателите на азил низ ЕУ пропадна на почетокот на јуни кога министрите за внатрешни работи на ЕУ го отфрлија компромисното решение за реформа на Даблинската регулатива, јави дописничката на МИА во Брисел.

Новата влада во Италија, каде изминативе години стотици илјади мигранти пристигнаа преку Средоземното Море, е коалиција на десницата и екстремната десница и е одлучена да стави крај на политиката на „отворени врати“ кон мигрантите и бегалците..

Германија, пак, преживува политичка криза во владината коалиција поради ова прашање, откако по кризата во 2015 година над еден милион бегалци и мигранти беа добредојдени.

Поради пропаднатиот обид за компромис за европската миграциска политика, прашањето им се испраќа директно на лидерите на Унијата за изнаоѓање политичко решение за оваа криза, која го става во опасност постоењето на самата Шенген зона. (Крај)

извор: МИА фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest