Missing image

Јолевски од Прага – Нашиот придонес кон безбедноста на Европа продолжува

Прага, 5. август 2014 (ИНПРЕС) – Одбранбената соработка помеѓу Македонија и Чешка е развиена и во континуитет се движи во нагорна линија, заклучија министрите за одбрана на двете земји, Зоран Јолевски и неговиот домаќин, Мартин Стропницки, вчера на средбата во чешкото министерство за одбрана.

Како што истакна министерот Јолевски по средбата, соработката се темели на спогодбата од 2000 година, која претставува темел на годишните планови за соработка, кои вклучуваат неколку подобласти како финансиите, логистиката, човечките ресурси, одбранбената стандардизација, заедничките обуки, како и пренесувањето на искуствата од процесот на евроатлантската интеграција.

Јолевски се заблагодари за поддршката која Чешка и ја дава на Република Македонија во исполнувањето на стратешките цели, членството во НАТО и Европската унија (ЕУ).

Министрите за одбрана на двете земји, Јолевски и Стропницки, разговараа и за елементите кои произлегуваат од заедничката безбедносна и одбранбена политика на Унијата, со акцент на борбените групи чиј дел во втората половина од 2012 година беа и Чешка и Македонија. Во тој контекст министрите разговараа за можното вклучување на Македонија како дел од борбената група на ЕУ во 2016 година.

– Нашиот придонес кон безбедноста на Европа продолжува и во иднина, потенцираше Јолевски во однос на борбените групи на Унијата.

Чешкиот министер за одбрана на средбата посочи дека двете партнерски земји имаат одлични односи и дека треба напорно да се работи тие односи да се продлабочуваат и во иднина. Истовремено, Стропницки истакна дека неговата земја ја поддржува Македонија во нејзините напори за станување полноправен член на НАТО и на ЕУ. (Крај)

извор: Макфакс фото: архива