vevcanski-viduvanja

Свечено отворање на 9-та Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“

Вевчани, 23. јуни 2018 (ИНПРЕС) – Вечерва во ресторанот „Виа Игнација“ во Вевчани ќе биде отворена 9-та Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“.

Свеченоста започнува од 20:00 часот со обраќање на истакнатата француска уметничка со виетнамско потекло, Мин Хо, по што од 21:00 часот ќе се одржи концерт на познатата балканска ѕвезда Жељко Јоксимовиќ и македонската поп легенда Драган Мијалковски.

Во духот на вкупните општествени трендови и настојувања, тема на овогодинешната ликовна колонија е: „Заедничките вредности помеѓу народите на Балканот како мост за развој на меѓусебното пријателство, почитта и разбирањето“, заради што од аспект на учесниците доаѓа до позначаен израз токму таквиот регионален пристап. Имено, во оваа смисла, на отворањето на Меѓународната ликовна колонија, потврдено е присуството на 40-на најеминентни сликари, како од Република Македонија, така и од Грција, Бугарија, Словенија, Србија, Полска, Франција, Шведска како и држави од нашето непосредно соседство.

Почнувајќи од 2010-та, секоја година на крајот на месецот јуни, во ресторанот „Виа Игнација“, во Вевчани, се организира Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“.

На оваа реномирана културно-уметничка манфестација имаат земено учество над 200 еминентни ликовни уметници од Република Македонија и од странство. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest