MaskiZalatni

По сто години, златните маски и артефактите од Требеништа се враќаат во Македонија

Охрид, 4. јули 2018 (ИНПРЕС) – По сто години, златните маски и бронзените кратери, заедно со комплетниот луксузен материјал од 6 век пред новата ера, пронајдени на некрополата Требеништа кај Охрид, првпат ќе бидат заедно изложени на голема археолошка поставка која во ноември ќе биде отворена во Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје.

Артефактите, кои во првата половина на 19 век биле изнесени прво во Софија, а потоа во Белград, ќе бидат обединети заедно со предметите што останале во нашата земја. Околу 400 оригинални предмети, голем дел од нив златни, ќе бидат изложени на цел кат во музејот, чии витрини ќе бидат специјално испразнети за оваа изложба, вели за порталот Факултети.мк Горан Санев, директор на Археолошкиот музеј за Македонија.

– Некрополата Требеништa отсекогаш била болна точка во археологијата бидејќи материјалот е растурен низ трите земји, а нејзиното значење е толку големо. И денес некрополата крие одговори на толку прашања, па ја вбројуваме во рамките на митовите. Кои се покојниците од таа некропола, како живееле, вели Санев.

Изложбата била веќе договорена, а се отвора по повод јубилејот – сто години од првиот наод на Требеништа. Договорот со Националниот археолошки музеј (Наим) од Софија бил веќе потпишан, а наскоро ќе се официјализира и договорот со Народниот музеј од Белград, кој по 15-годишното реновирање, деновиве повторно беше отворен за јавноста.

– Ќе бидат изложени повеќе од 400 предмети, сите оригинали – златните посмртни маски, ракавиците, накитот, бронзените кратери… Идејата на изложбата е првпат да го обедини сиот материјал од Требеништa. Ќе има и каталог во кој ќе биде објаснет секој предмет поединечно, објаснува Санев.

Изложбата во Македонија ќе биде отворена пет-шест месеци, во 2019 година ќе биде поместена во Софија, а потоа во Белград. Идејата е потоа да патува низ европските метрополи. Неофицијално, за изложбата веќе има интерес од музеи од Париз, Берлин, Виена. Според Санев, успех е на едно место да се собере толкав материјал, кој го истражувале археолози од Македонија, Бугарија и од Србија. (Крај)

извор: Факултети.мк фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest