Одбележана стогодишнината од раѓањето на архитектот Борис Чипан

Охрид, 5. јули 2018 (ИНПРЕС) – Во Куќата на Уранија, во организација на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „ Св. Кирил и Методиј“, Општина Охрид, Музејот на град Скопје и Македонската академија на науките и уметностите, денеска беше одбележан јубилејот „100 години од раѓањето на Борис Чипан“.

На отворањето на прославата се обратија градоначалникот Јован Стојаноски, Академик Ганзафер Бајрам од МАНУ и Проф. д-р Огнен Марина, декан на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

– Ми причинува особено задоволство, како градоначалник на Охрид да присуствувам на овој важен настан, на кој одбележуваме 100 години од раѓањето на нашиот сограѓанин Борис Чипан кој остави неизбришлив белег во македонската архитектура, урбанизам, архитектонската публицистика и зачувувањето на културното и архитектонското наследство, истакна градоначалникот Стојаноски.

Во животот и творештвото на бардот на современата македонска архитектура Борис Чипан, родниот Охрид му бил и љубов и инспирација, зошто како што ќе рече „растев во еден град каде на секој чекор се сопнував на остатоците од историјата“. Тој инспиративен набој се среќава во  бројните студии, објави и публикации посветени на историјата и културното богатство на нашиот древен град, а посебно во неговиот огромен напор за конзервација на катедралниот храм „Св. Софија“, другите вековни светилишта, но и вредните објекти на охридската архитектура.

– Мојата младост ја поминав во Охрид. И кога дојдов во Скопје секое лето бев во Охрид, така што никогаш не ги прекинав врските. Откога станав архитект, јас сум го сонувал Охрид. Прво сум го сонувал Охрид како Лихнид, во кој римските конзули правеле одмор на патот кон Цариград. Па сум го сонувал Охрид од јустинијанско време, сум го сонувал и Самоилов Охрид, сум го сонувал Охрид од 19 век како бедно, запустено гратче. Сè уште го сонувам Охрид како расте од 1945 година наваму, меѓутоа истовремено и се деградира. Ова е мојот денешен сон за Охрид – ќе не предупреди во една изјава Борис Чипан.

– Ретки се луѓето кои имаат знаење и носеле огромен професионален  товар, да можат храбро, отворено и аргументирано, но во основа добронамерно, да ви укажат и на некои пропусти. Тоа, во повеќе наврати, во своето творештво го прави Борис Чипан во врска со присутните пред се урбанистички проблеми во градот кој е заштитен од страна на УНЕСКО. Изразувајќи огромна почит за се што Борис Чипан направил за родниот град, нам како генерација ни останува да ги имаме во вид неговите препораки и да реализираме барем дел од неговиот вечен сон за поубав Охрид, рече градоначалникот Јован Стојаноски.

Беседи за делото на Борис Чипан одржаа професорите Д-р Михаилчо Токарев, Д-р Михајло Волканов и Д-р Мартин Гулески. Во рамките на прославата вечерва со почеток во 20:00 часот во Куќата на Уранија ќе биде отворена изложба на фотографии, скици и проекти на Борис Чипан кои се дел од поставката на Музејот на град Скопје. (Крај)

извор: општина Охрид фото: општина Охрид

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest