alkoholprodazba-640x358

Алкохолот во продажба без временско ограничување

Скопје/Охрид, 9. јули 2018 (ИНПРЕС) – Откако Собранието ги изгласа, од вчера влегоа во сила измените на Законот за трговија, со кои се укина временското ограничување за купување алкохол.

Владата на почетокот на мај го прифати предлогот за измени и дополнувања на Законот за трговија на Министерството за економија, со цел укинување на ограничувањата на времето на продажба на алкохолни пијалоци во трговијата на мало и на малопродажните објекти, по што на крајот на минатиот месец и Собранието ги усвои измените.

Продажбата на алкохолни пијалоци во трговијата на мало и понатаму ќе се врши во лиценцирани продажни објекти, но при тоа нема да се бараат посебни услови за продажба на пијалоци, ниту ќе се ограничуваат малопродажните објекти во кои истата ќе се врши, односно ќе се дозволи продажбата на истите и во киосците.

И натаму на сила остануваат забраните за продажба на алкохол во продавниците во состав на бензинските станици, како и продажба на алкохол на лица помлади од 18 години.

Ограничувањето на продажбата на алкохол, беше воведено во 2008 година, пред се за намалување на алкохолизмот меѓу граѓаните, посебно младите. Но, ова законско решение не само што не придонесе за тоа, туку предизвика во изминативе години трговците да се откажуваат од продажба на алкохолни пијалоци, а од друга страна растеше нелагалната, односно продажба на алкохол „под рака“ по 19:00, односно 21:00 часот.

Граѓаните уште кога беше најавено, го поздравија укинувањето на  забраната за продажба на алкохол. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest