Sazdoski

На КАРИЛ почина претепаниот Никола Саздовски, полицијата сè уште трага по еден од тројцата напаѓачи

Скопје, 9. јули 2018 (ИНПРЕС) – Полицијата сè уште трага по еден од тројцата насилници кои пред десет дена до смрт го претепаа 21-годишниот Никола Саздовски. Како послецица од повредите, тој почина денес во болница, а надлежен јавен обвинител донесе наредба за вршење обдукција за да се утврди од што точно починал.

Од МВР со официјално соопштение до медиумите денес информираат дека случајот е расчистен за 24 часа и предаден на Обвинителството.

– Во врска со настанот од 29-ти јуни 2018 година, Министерството за внатрешни работи уште еднаш потсетува дека случајот е експресно расчистен, а за тоа соодветно ја информиравме и јавноста. Имено, Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против Б.Б.(20), С.Д.(21) и Ј.Љ.(19), сите од Скопје. На 29-ти јуни 2018 година, околу 17:30 часот, во Скопје, на автобуска постојка на булеварот Александар Македонски, пријавените физички го нападнале Н.С. по што тој бил пренесен на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ Скопје. По преземените мерки, од страна на полициски службеници, прво и второпријавениот се лишени од слобода и одредена им е мерка притвор. Целокупниот доказен материјал му е предаден на надлежното јавно обвинителство и овој случај е во надлежност на ОЈО Скопје, изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Дваесет и едногодишниот Никола им подлегна на повредите утрово, околу 08:00 часот на Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување КАРИЛ.

Раководителот на Клиниката, доктор Маја Мојсова изјави дека момчето било донесено во Ургентниот центар со немерлив притисок и со слаб пулс.

– Откако е почната срцева белодробна мозочна реанимација е пренесено во КАРИЛ во многу тешка состојба со многу тешки повреди на мозокот и со многу тежок исход. На неколку пати е враќано во живот, но за жал подлегна на повредите, додаде доктор Мојсова.

Саздовски беше дел од навивачката група „Комити“, од каде реагираа зошто напаѓачите се гонат за насилство. Социјалните мрежи по веста за смртта на Саздовски се полни со коментари во кои се бара комплетно разрешување на случајот, пронаоѓање на сите сторители и нивна соодветна казна.

Насилникот е насилник, без разлика на неговата етничка припадност, во државата постојат закони, функционира правната државата и одговорните за нападот врз 21-годишниот Никола Саздовски – Саздо, порача на денешната прес-конференција портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Тој упати апел да се прекине со таквите практики на гледање на нештата.

– Ќе ве замолам да не гледате етничка позадина, која многу често се користеше во минатото. Насилникот е насилник, ќе одговара, постојат закони, правната држава функционира, осомничените веќе се во притвор, рече Ангеловски, кој изрази сочувство за починатиот до неговото семејство од негово име и од името на МВР.

Ангеловски: Напаѓачите на починатото момче ќе одговараат (Видео)

Нагласи дека МВР експресно го расчистило случајот и сторители се приведени и одредена им е мерка притвор.

– Апелирам уште еднаш и до дел од неодговорните портали, кои шират дезинформации и лажни вести да не го прават тоа, додаде портпаролот на МВР и информираше дека целокупниот материјал и сите докази се доставени до надлежното јавно обвинителство, ОЈО Скопје.

Ангеловски посочи дека МВР не е надлежно да одговара дали постои можност случајот да се преквалификува во убиство и оти за тоа е надлежно обвинителството. (Крај)

извор: Макфакс/Сител/ОхридПрес фото: архива видео: Макфакс

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest