tavmakedonija

За шест месеци над милион патници на охридскиот и скопскиот аеродром

Охрид/Скопје, 10. јули 2018 (ИНПРЕС) – Вкупно 1.041.583 патници биле превезени преку Меѓународниот аеродром Скопје и охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“, во првите шест месеци од годинава, што претставува годишен пораст од 21 процент, во споредба со првата половина од минатата година, објави ТАВ Македонија.

– Додека европските аеродроми имаат просечен пораст на бројот на патници од 6,1 процент во 2018 година, ТАВ продолжува да бележи високи двоцифрени стапки на пораст на патничкиот сообраќај на македонските аеродроми. Овој позитивен тренд во порастот на воздушниот сообраќај, го потврдува големиот потенцијал што го има македонскиот воздухопловен пазар. Ќе продолжиме да правиме максимални напори за развој на аеродромите во Скопје и во Охрид, со привлекување нови авиокомпании и проширување на мрежата на дестинации, во соработка со сите надлежни државни институции, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Во однос на учеството на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај, Виз ер превезува најголем број патници со 63,3 проценти пазарен удел, а потоа следуваат Туркиш ерлајнс со 8,1 процент, Аустриан ерлајнс со 5,1 процент, Германија флуг со 4,6 проценти, Еделвајс  со 3,8 проценти, Кроација ерлајнс со 3,1 проценти, Пегасус ерлајнс  со три проценти.

Од ТАВ Македонија очекуваат дека порастот на воздушниот сообраќај ќе продолжи со слично темпо и до крајот на годинава, имајќи ги предвид петте нови дестинации кои беа отворени на аеродромите во Скопје и во Охрид на почетокот од летната летна сезона во 2018 година.

turisti varsava 2

На почетокот на минатиот месец ЛОТ Полиш ерлајнс влезе на македонскиот пазар, со летови меѓу Скопје и Варшава, а на аеродромот во Охрид беа отворени сезонските дестинации: Истанбул, Ајндховен, Талин и Варшава.

ТАВ Македонија најави и нова редовна авиолинија од Охрид до Виена, која ќе биде воведена во ноември 2018 година.

Охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ има три редовни авиолинии кои функционираат во текот на целата година и осум сезонски дестинации, опслужувани од 11 авиокомпании. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest