pres-ohirdsko-leto

Со италијански и француски арии и спектакуларен огномет утревечер ќе биде отворено 58-то „Охридско лето“

Охрид, 11. јули 2018 (ИНПРЕС) – Публиката на Античкиот театар утревечер ќе ужива во италијански оперски дела и француски арии од опери, изведени од оперските великани Елена Мошуц и Калин Братеску од Романија, придружувани од оркестарот на Македонската филхармонија, под диригентската палка на маестро Николае Молдовеану, на свеченото отворање на 58-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

Скромни во своите побарувања околу престојот и настапот, оперските уметници иако за првпат во Охрид и Македонија, не го криеа задоволството што ќе бидат запишани во аналите на нашиот културен бренд.

– Првпат сум во Македонија. Немав многу слушнато за фестивалот „Охридско лето“, но кога прочитав на интернет видов дека е фестивал со огромна традиција на кој настапиле многу светски имиња. Исто така многу ми се допадна и вашата земја. Среќна сум што сум дел од програмата на „Охридско лето“, изјави оперската певица Елена Мошуц.

elena moshuc

– Со Елена соработуваме долго време. Првпат настапивме со операта  „Трубадур“ . Ви ветуваме заедно со маестро Молдовеану  и оркестарот на Македонската филхармонија  еден прекрасен концерт, најави тенорот Братеску.

Маестро Николае Молдовеану под чија диригентска палка ќе настапат оперските уметници и оркестарот на Македонската филхармонија изјави дека е голема честа што заедно со неговите колеги ќе придонесат на уметнички начин во убавината на фестивалот „Охридско лето“.

– Чест ни е што сме поканети на овој фестивал и сме среќни што ќе имаме можност да придонесеме на еден уметнички начин кон убавината на овој фестивал. Јас веќе имав можност да соработувам со Македонската филхармонија, пристигнав вчера и веќе имавме една проба. Концертот ќе го  почнеме со една увертира, а потоа продолжуваме со италијански оперски дела, и со неколку француски арии од опери. Станува збор за популарен репертоар којшто е познат на сите, бидејќи вакви концерти од отворен тип не се обични културни настани, туку имаат и свое политичко значење затоа што ние уметниците сме еден вид амабасадори на културата  кои се обидуваме на своевиден начин да помогнеме во  зачувувањето на мирот, истакна Молдовеану.

nikolae moldoveanu

Шефот на оркестарот на Македонската филхармонија, Горан Муратовски,  изрази задоволство, но додаде дека е и голема чест што  Македонската филхармонија е традиционален гостин на фестивалот „Охридско лето“.

Селекторот на музичката програма на „Охридско лето“, Васо Ристов изрази огромна благодарност  на големите уметници што прифатиле да бидат главни учесници на спектакуларното отворање на  најголемата културна манифестација во Македонија.

Сцената ќе блесне со најпознатите светски уметници, а Охрид во наредните 40 дена ќе биде центар на светските уметнички збиднувања. Целосно сме подготвени да ги пречекаме сите гости и да бидеме одлични домаќини на над 800 уметници од 27 земји од цел свет, потенцира директорката на фестивалот Сузана Вренцовска.

suzana vrencovska

– Сите сцени и простори каде што годинава ќе се одржуваат музичко-сценските настани на фестивалот се оспособени за уметниците, како  и за посетителите кои секоја година ги има во голем број, а како што најави,  од следната година е планирана  изградба на монтажно гледалиште кое ќе може да се поставува насекаде, со што ќе можат да се одржуваат настани на секое соодветно место во градот. По подолга пауза од оваа година го враќаме спектакуларниот огномет, истакна Вренцовска.

Градоначалникот на општина Охрид, Јован Стојаноски, им посака добредојде на уметниците што ќе го отворат„Охридско лето“ и најави дека општината и натаму ќе ја дава безрезервната поддршка на фестивалот како голем македонски и европски културен бренд.

jovan stojanoski (2)

– На сите уметници коишто ќе присуствуваат во Охрид им посакувам топло добредојде, да си поминат убаво во нашиот град, и да придонесат за уште едно успешно издание на фестивалот „Охридско лето“. Како Локална самоуправа отсекогаш сме го поддржувале овој фестивал, а тоа ќе продолжи и понатаму заради тоа што НУ „Охридско лето“ е најпознатиот бренд којшто го претставува и го зацртува Охрид како културна дестинација во светот, рече охридскиот градоначалник Стојаноски.

Најзначајната музичко-сценска манифестација во Македонија, „Охридско лето“, традиционално, ќе започне утревечер на Античкиот театар во Охрид, со почеток во 21:00 часот.

Како посебни доживувања на 58-то фестивалско издание се очекуваат концертите на пијанистот Николај Лугански, челистот Александар Књазев, виолинистот Сергеј Крилов, потоа пијанистот Александар Маџар, виртуозот на усна хармоника Антонио Серано, акапела-секстетот  „Д’Квин Сикс“  од Велика Британија,  како и неколку концерти што ќе се реализираат во соработка со амбасадите во Македонија. Традиционалната Полска вечер на фестивалот ќе донесе концерт на барокниот ансамбл „Вроцлав“, во рамки на Француската вечер ќе настапат светски познатиот пијанист Мишел Бурдонкле и неговиот син Николас, а во соработка со Амбасадата на Шпанија во Скопје ќе настапи сопранистката  Еугенија Боикс и пијанистката Ана Ферер.

Драмската програма започнува еден ден по свеченото отворање, а ќе понуди театарски креации од домашните театарски куќи, како и гостувања на театри од Србија, Хрватска и Словенија. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest