petrovden3-561x360

Свети апостоли Петар и Павле – Петровден

Охрид, 12. јули 2018 (ИНПРЕС) – Православната црква денес го слави споменот на светите апостоли Петар и Павле, со кој се одбележува завршувањето на повеќедневните пости.

Празникот е познат кај народот како Петровден. Со овој празник завршува еден од четирите повеќедневни пости во годината кој е врзан за празникот на Апостолите. Денес црквата ги слави двајцата врховни апостоли Петар и Павле. Инаку тие, како и сите останати апостоли, имаат свои посебни празници во текот на богослужбеното годишно време. По примањето на Светиот Дух апостолите се растуриле по светот за да ја проповедаат светата Христова вера. На тој план меѓу нив најповеќе се истакнале светите апостоли Петар и Павле. На иконата тие се претставени заедно, Петар со клучеви од рајот, а Павле со меч, симбол на сопствената смрт.

Апостолот Петар се прославува како образец на цврстата и искрена вера, а Павле како оној кој најмогу се потрудил во проповедањето на распнатиот и воскреснат Исус Христос. Петровден се одбележува секоја година на 12. јули. Се смета за еден од најголемите празници по Велигден. Еден од најзначајните настани на Петровден е почетокот на традиционалната Галичка свадба.

Народни обичаи и верувања за Петровден

На иконата светите апостоли Петар и Павле се претставени заедно, Петар со клучеви од рајот, а Павле со меч, симбол на сопствената смрт. И двајцата држат отворени книги. На празникот му претходи Петровденскиот пост чија должина зависи од празникот Велигден. Имено, овој пост, еден од четирите повеќедневни пости во текот на годината, започнува од првата недела по Духовден, а бидејќи овој празник е со непостојан датум и зависи од Велигден така и Петровденскиот пост трае различно.

Петровден повеќе се смета за црковен празник, постарите луѓе одат во црквата, а кој постел во Петровденскиот пост се причестува. На овој ден може и да се работи зашто е во време на најголемата жетва, а според верувањето дури и светецот (Св. Петар) тој ден земал срп и жнеел. Некој го држат празник само до пладне, а попладне работат. Во Галичник Петровден се сметал за голем празник, тогаш иделе печалбарите и тогаш се правеле и свадбите. Останало забележано дека некогаш во еден ден имало 50 свадби, а удирањето на тапаните се слушало дури во Албанија.

Интересни обичаи и верувања поврзани со Петровден се забележани во Куманово. Тој ден рано наутро уште пред сонце, оделе во бавчите и нивите, особено оние со бостан и од сите четири страни фрлале ситни камчиња. На тој начин според верувањето засновано на принципот на имитативната магија се влијае врз бостанот многу да врзува и брзо да расте. Исто така бостанот, но и другите култури се прскале со вода од извор за да растат силно како водата што извира. Во овие петровденски верувања интересно е и фрлањето измет од стоката врз бавчите и нивите со земјоделски култури. Изметот земен од местото каде што стоката пладнувала (меризувала), или од пазарот се верува ќе влијае врз родот да биде густ и обилен како што била стоката на тоа место. Во сиве овие верувања, како што може да се види присутна е имитативната магија верувањето дека сличното предизвикува слично.

Во Гевгелиско за јадење на овој ден правеле млечник за да бидат цела година благи како млекото, а во Скопска Црна Гора се верувало дека кој ќе се омрси во Петровденските пости ќе се скрастави. Во овој крај ако било сушно времето на овој ден носеле крсти (литии).

Павловден жените го држат како празник повеќе од Петровден. Во некои места на овој ден не се работи за од пајаци, да не го каснат некого при полските работи, жетва, врзување снопови, и сл. Се верува дека човек каснат од пајак на овој ден тешко ќе оздрави. Затоа овој ден е познат и како Пајаковден.

Според преданието што во Охрид го забележал Е. Спространов „Петре и Павле биле побратими. Сек’де заедно оделе, ама Павле бил болен. Петре си рекол: Ов’ј чоек ќе умрит, ја ај да му ископам гробот. Ко фатил да му копат, дошол Ристос и го опитал: Шо копаш бре Петре? – Ами Павле је болен рекол, та му го коп’м гробот. – Ја ај легни да видиме, али чинит за тебе! Петре легнал и не станал веќе. Ето затоа рекле: Не копај гроб за друѓего, за да не влезиш сам во него. Петре копаше гроб за Павлета, ама сам умре во него, а Павле си остана ушче да си живејт.“

Во цркавата „Свети Петар и Павле“, Зрзе, се наоѓа оштетена фреска, на која е насликано овчарче во стара македонска носија. Фреската е поврзана со легендата за овчарчето кое го спасило манастирот од пљачкосување. Кога арнаутите дошле во манастирот, сакајќи да го срушат и да го опљачкаат, овчарчето, за да го спаси манастирот, им се спротивставило. Затоа тие го заклале, и тоа парче по парче. Во моментот кога го заклале, дувнале силни ветришта, и бидејќи биле дојдени со коњи, коњите се исплашиле, па почнале да се симнуваат надолу по патот. Арнаутите, за да не одат пеш, тргнале по нив, и планот да се сруши и осквернави црквата пропаднал. Народот и монасите кога виделе дека на тоа место е пролеана невина крв за да се спаси манастирот, трите страни ги оградиле со sид и бидејќи биле Петрови пости, изградиле црква, посветувајќи ја на свети Петар и Павле. Немале многу пари, па го нацртале само олтарот, но не заборавиле кога ги правеле фреските да го насликаат и овчарчето. Во спомен на тој настан, кога луѓето оделе да палат свеќа во црквата велеле: „Каде ќе одиме? Ќе одиме во чобанската црква”.

Селото Папрадиште е место на недопрени етнолошки вредности, меѓу кои предничат единствените обичаи на мијачката свадба. Народната мијачка носија се смета за еден од најзначајните зачувани етнолошки белези на македонскиот народ. Но, денес во селото нема свадби. Веќе три децении од Папрадиште се отселени жителите. Се населиле во Велес, во Скопје, заминале низ светот. Секоја година постарите жители доаѓаат во рана пролет и остануваат до доцна есен. Помладите во селото доаѓаат на викенд.

Но, ако дојдете тука, селото блеснува во сиот свој сјај. Мијаците, потомците на старите папрадишани, се повторно тука. Го слават денот на селото, славата на црквата. Се отвораат семејните капии, на прозорците се распостилаат мијачките дипли и килими, се пречекуваат роднините и пријателите. Трпезите се богати со домашен леб, мазници и со колпитиња, а музикантите од утро до мрак свират мијачки ора, се пеат мијачки песни. Празничната атмосфера ја збогатуваат и ликовните уметници, кои во чест на големите папрадишки градители, зографи и сликари учествуваат на меѓународната сликарско-копаничарска колонија „Папрадишки мајстори“. Тие сликаат на отворено, среде прекрасните пејзажи, а нивните дела ги привлекуваат погледите на љубопитните жители и посетители.

Јорганџиите во Скопје имале своја јорганџиска чаршија. Овој занает почнал да се развива откако во градот почнале да се употребуваат кревети за спиење. Имале свој еснаф со печат, а слава им била Петровден. Во 1928 ги имало вкупно 10. (Крај)

извор: ИнПрес/мн фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest