Hrvatska

Манџукиќ за неверојатно светско финале за Хрватска

Москва, 12. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Марио Манџукиќ со гол во 109. минута од продолжението ѝ донесе на репрезентацијата на Хрватска победа од 2:1 над фаворизираната Англија за историско финале на Мундијалот во Русија против Франција.

Хрватска во третиот натпревар во низа играше во продолженија, откако претходно ја победија Данска и Русија на пенали, но овојпат „џинот“ на Јувентус, Марио Манџукиќ го реши мечот пред крајот на 120-те минути.

Со ова, оваа хрватска генерација е и официјално најдобрата во кратката историја на независноста на поранешната југословенска република, надминувајќи ја славната генерација од 1998 година, која победи во мечот за трето место откако загуби токму од Французите во полуфиналето.

А, сѐ почна совршено за Англичаните, откако дојдоа во водство уште во петтата минута преку фантастичнито гол на Киеран Трипиер, по што на островот се пееше дека „фудбалот се враќа дома“. Но, Хрватите не се откажаа и израмнија во второто полувреме преку Иван Перишиќ за да примораат уште едно продолжение.

Во продолжението, неочекувано, Хрватите по два меча по 120 минути, влегоа во иницијатива, која на крајот ја искористи Манџукиќ за најголем успех во историјата на хрватскиот фудбал.

Финалниот дуел против Франција е на програмата во недела од 17.00 часот додека во борбата за третото месо во сабота од 16.00 часот ќе играат Белгија и Англија. (Крај)

извор: Топспорт/ОхридПрес фото: ЕПА

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest