ohridskoletologo2018

Вечерва свечено отворање на 58. издание на фестивалот „Охридско лето

Охрид, 12. јули 2018 (ИНПРЕС) – Со избор од италијански оперски дела и француски арии од опери, изведени од оперските великани Елена Мошуц и Калин Братеску од Романија, придружувани од оркестарот на Македонската филхармонија, под диригентската палка на маестро Николае Молдовеану, вечерва ќе биде свечено отворено 58-то издание на најголемата културна манифестација кај нас, фестивалот „Охридско лето“.

– Првпат сум во Македонија. Немав многу слушнато за фестивалот „Охридско лето“, но кога прочитав на интернет видов дека е фестивал со огромна традиција на кој настапиле многу светски имиња. Исто така многу ми се допадна и вашата земја. Среќна сум што сум дел од програмата на „Охридско лето“, изјави на вчерашната прес конференција оперската певица Елена Мошуц.

elena moshucСцената ќе блесне со најпознатите светски уметници, а Охрид во наредните 40 дена ќе биде центар на светските уметнички збиднувања. Целосно сме подготвени да ги пречекаме сите гости и да бидеме одлични домаќини на над 800 уметници од 27 земји од цел свет, потенцира директорката на фестивалот Сузана Вренцовска.

– Сите сцени и простори каде што годинава ќе се одржуваат музичко-сценските настани на фестивалот се оспособени за уметниците, како  и за посетителите кои секоја година ги има во голем број, а како што најави, од следната година е планирана  изградба на монтажно гледалиште кое ќе може да се поставува насекаде, со што ќе можат да се одржуваат настани на секое соодветно место во градот. По подолга пауза од оваа година го враќаме спектакуларниот огномет, истакна Вренцовска.

Најзначајната музичко-сценска манифестација во Македонија, „Охридско лето“, традиционално, ќе започне вечерва на сцената на Античкиот театар во Охрид, со почеток во 21:00 часот.

Како посебни доживувања на 58-то фестивалско издание се очекуваат концертите на пијанистот Николај Лугански, челистот Александар Књазев, виолинистот Сергеј Крилов, потоа пијанистот Александар Маџар, виртуозот на усна хармоника Антонио Серано, акапела-секстетот  „Д’Квин Сикс“  од Велика Британија,  како и неколку концерти што ќе се реализираат во соработка со амбасадите во Македонија. Традиционалната Полска вечер на фестивалот ќе донесе концерт на барокниот ансамбл „Вроцлав“, во рамки на Француската вечер ќе настапат светски познатиот пијанист Мишел Бурдонкле и неговиот син Николас, а во соработка со Амбасадата на Шпанија во Скопје ќе настапи сопранистката  Еугенија Боикс и пијанистката Ана Ферер.

Драмската програма започнува еден ден по свеченото отворање, а ќе понуди театарски креации од домашните театарски куќи, како и гостувања на театри од Србија, Хрватска и Словенија. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest