analipsa2-640x360

„Охридско лето“ – 58 години стожер на нашата културна самостојност

Охрид, 12. јули 2018 (ИНПРЕС) – „Кога новороденчето Охридско лето, заедно со мојот сопруг го крстивме токму со тоа име, верувавме дека концертите во Света Софија, набргу ќе станат источиште на многу поширока, културна, летна активност во древниот Охрид, тој легитимен стожер на нашата културна самостојност”.

Зборовите ги напиша Ана Липша – Тофовиќ, првенка на Операта при МНТ, прославената македонска певица, која на 4. август 1961. година во неповторливо акустичната Света Софија – повеќевековното седиште на автокефалната Охридска архиепископија ги отпеа: Хендл, Моцарт, Бетовен и Глук. Певицата, особена симболика нашла во Глуковиот „Орфеј“, како нешто орфејско во прапочетокот, „како непресушна орфејска песна на мојот народ”, ќе рече певицата Ана Липша.

analipsaФестивалот „Охридско лето” е континуитет на македонската хуманистичка и културна традиција, но и како духовна интеракција во размената на светските добра, како „универзална хармонија меѓу народите и световите”, ќе рече академик Ѓеорѓи Старделов, чиј несомнен интелект е вграден во развојот и опстојувањето на Летото. Важи за своевидна манифестација на македонската култура и традиција и на нивната вековна отвореност кон културите на светот.

Уште пред 1961. година, во Охрид се одржува манифестација „Денови на културата на Македонија”. Постарите паметат дека изведувачите и публиката, тоа го чинеле во еден хангар, сега непостоен, во просторот на „Инекс – Горица”. Конкретната документација, вели дека во услови кога во Охрид, во раните педесети години имало дури 3.000 неписмени, одлуката за формирање на Фестивалот, на минала на првата седница на Народниот одбор. Негов претседател бил Никола Горичан, додека подоцнежниот прв човек на Охрид и на фестивалот „Охридско Лето“ Лјубен Баткоски – одговорен за културата. Решението минало на втората седница, после позитивното инволвирање и притисокот на претседателот на Околискиот Народно-ослободителен одбор.

analipsa1Како директни покренувачи на иницијативата, авторот, музичката и воопшто културната историја ги забележува и афирмира Ана Липша – Тофовиќ и нејзиниот сопруг Петар, неврохирург по професија, но човек со широка култура; како и Стојан Крстески, тогаш професор во средното музичко училиште и директор на Концертната дирекција во Скопје. Иницијативата, конкретно ја помогнале, во реализацијата, уште и Димче Серафимовски, дописник на „Политика“ од Скопје, потоа интелектуалците Илија Зафироски и Димче Белоски.

Со избор од италијански оперски дела и француски арии од опери, изведени од оперските великани Елена Мошуц и Калин Братеску од Романија, придружувани од оркестарот на Македонската филхармонија, под диригентската палка на маестро Николае Молдовеану, вечерва ќе биде свечено отворено 58-то издание на најголемата културна манифестација кај нас, фестивалот „Охридско лето“. Сцената ќе блесне со најпознатите светски уметници, а Охрид во наредните 40 дена ќе биде центар на светските уметнички збиднувања. Охрид ќе ги пречека сите гости и ќе биде одличен домаќин на над 800 уметници од 27 земји од целиот свет. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest