На крајот на јули ќе се одржи најдолгото помрачување на Месечината за 21-от век

Скопје/Охрид, 16. јули 2018 (Inpress) – На 27-ми јули ќе се случи најдолгата лунарна еклипса, односно помрачување на Месечината за 21-от век.

Еклипсата позната и како „крвава месечина“ ќе биде видлива вечерта на 27-ми јули и во утринските часови на 28-ми јули. Целосната еклипса ќе трае околу 1 час и 43 минути. Ќе започне во 19:30 часот според координирано универзално време и ќе заврши во 21:13 часот. Целиот феномен ќе трае вкупно 3 часа и 55 минути.

Помрачувањето на Месечината ќе биде видливо од Австралија, Азија, Африка, Европа и Јужна Америка. При идеални метеоролошки услови, односно ведро време, помрачувањето ќе може да се набљудува со голо око.

Следното целосно затемнување на Месечината, ќе се случи на 21-ви јануари 2019 година, видливо од Северна Америка, во времетраење од 1 час и 2 минути. На 16-ти јули пак, ќе има делумно затемнување, на 50-годишнината од започнувањето на првата мисија за слетување на Месечината, Аполо 11. (Крај)

извор: Inpress фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest