zaev-i-han

Хан: Вратата на ЕУ ширум отворена, граѓаните одлучуваат за иднината

Скопје, 17. јули 2018 (Inpress) – Со денешната посета на еврокомесарот Хан официјално започна процесот на скрининг, кој има за цел да ја подготви Македонија за преговорите за членство во ЕУ.

Хан порача дека вратите на ЕУ се ширум отворени, а граѓаните на референдумот треба да се изјаснат за иднината на земјата, притоа ги повика сите да излезат и да гласаат.

На граѓаните е сега одлуката да решат за иднината на земјата на слободен и суверен начин, порача денеска еврокомесарот Јоханес Хан за време на неговата посета на Македонија со која и формално се означи почетокот на процесот на скрининг и подготовките за старт на преговорите со ЕУ во јуни наредната година.

– Вратата на ЕУ сега е ширум отворена, но само вие одлучувате дали ќе ја искористите оваа шанса или не. Јас силно ги охрабрувам граѓаните да го искористат своето демократско право и да учествуваат во референдумот, особено младите луѓе, рече Хан.

Според него, за Договорот со Грција за спорот за името има силна меѓународна поддршка, бидејќи, како што истакна, тој придонесува за мир и стабилност на регионот и на Европа. Хан потенцираше дека земјата сега треба да се фокусира и на спроведување на бараните реформи. Скринингот, како што наведе, ќе и овозможи на македонската администрација да се запознае со европската легислатива и да спореди до каде е земјата на тој пат.

Премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција по владината седница изјави дека со Хан ги дефинирале следните чекори. За главен преговарач е назначен вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, а за технички преговарач советникот на премиерот Бојан Маричиќ.

– Утврдивме заедничка динамика на чекорите во наредните месеци и започнавме со осмислување и поставување на структурата на скрининг и за преговори со ЕУ и од наша страна и од страна на ЕУ, порача Заев. (Крај)

извор: Р.С Европа фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest