Иванов ги прими акредитивите на новите амбасадори на Обединетото Кралство и Саудиска Арабија

Охрид, 26. јули 2018 (Inpress) – Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска во вилата Билјана во Охрид ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска и на Кралството Саудиска Арабија во Република Македонија.

На предавањето на акредитивните писма од страна на новоименуваниот британски амбасадор Рејчел Галовеј, претседателот Иванов оценил дека постои заеднички интерес за натамошно интензивирање на одличните билатерални односи меѓу двете земји посебно во економската соработка и размена, стои во соопштението од кабинетот на Претседателот.

– Од 1993 година, Македонија и Обединетото Кралство во континуитет градат пријателски релации особено во контекст на британската поддршка и помош за Република Македонија и за нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО. Во оваа свечена пригода би сакал да истакнам дека граѓаните на Република Македонија се посебно благодарни за поддршката што Обединетото Кралство ја дава во остварувањето на македонските стратешки приоритети – рекол претседателот Иванов.

Амбасадорката Галовеј истакнала дека Западниот Балкан е значаен регион за Обединетото Кралство, што го покажале со неодамнешниот Самит во Лондон на којшто беше домаќин нивната премиерка.

– Ние ја зголемуваме нашата поддршка и за Македонија и за регионот со цел да ги поддржиме вашите напори за градење просперитет во безбедно и стабилно соседство. Успехот во овие области ќе биде од корист за Обединетото Кралство и за Европа како целина – рекла амбасадорката Галовеј.

AKREDITIVI_SAUDISKA_ARABIJA

На средбата со новоименуваниот саудиски амбасадор со седиште во Тирана, Абдулмомен бин Мохамед Шараф, македонскиот претседател го потенцирал интересот на Македонија за унапредување на севкупната соработка со Кралството Саудиска Арабија, особено во делот на економската соработка и трговската размена. Претседателот Иванов изразил уверување дека амбасадорот Шараф со своето дипломатско и професионално искуство ќе придонесе во развивањето на билатералните односи меѓу двете земји. (Крај)

извор: Inpress фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest