Скопски „Гранит“ ќе го доградува автопатот Кичево-Охрид, „Трансмет“ излегува од игра

Скопје/Охрид, 17. јули 2019 (ИНПРЕС) – Градежната компанија „Гранит“ АД Скопје потпиша договор за отстапување на подизведувачките договори од Конзорциумот „Трансмет“ ДОО и „Херинг ДД Широки Бријег“ за изведување на автопатот Кичево-Охрид, се наведува во соопштението на „Гранит“ објавено на веб страницата на Македонска берза.

Главен изведувач на овој автопат е кинеската компанија „Синохидро“, додека „Гранит“ и други фирми се ангажирани како подизведувачи.

Откако кинеската Ексим банка одобри ефтин кредит за да продолжи изградбата на автопатот Кичево-Охрид, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески изјави дека веќе наредната година возачите да може да возат и по половина од автопатот. Очекувањата се првите 30 километри од Охрид до Врбјани да бидат оспособени за возење.

– Ние сме известени дека се одобрени парите и очекуваме овој период да се пристапни и да се динамизира процесот. Планираме наредната година да пробаме тие 30 километри од Охрид до Врбјани да ги оспособиме да се вози тој пат. Половина автопат да биде во функција, а другиот дел согласно рокот 2021 да е целосно завршен, истакна Горан Сугарески, министер за транспорт во македонската Влада. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива