med-640x360

„Денови на мед“ во Охрид

Охрид, 7. август 2018 (ИНПРЕС) – Во организација на општина Охрид и оваа година ќе се одржат манифестациите „Денови на мед“, „Вино и сирење“ и „Охрид крафт експо“ во периодот од 7-ми до 14-ти август на плоштадот „Крушевска Република“.

Манифестацијата „Денови на мед“ ќе се одржи од денес, 7-ми до 9-ти август. Ќе се промовираат медот и производите од мед, а истата ќе биде одлична можност за охриѓани и гостите во Охрид да вкусат квалитетен мед и производи од мед.

Фестивалот „Вино и сирење 2018“ ќе се одржи на 10-ти и 11-ти август. Овој фестивал ги има сите предуслови да прерасне во своевиден регионален мини саем на кој ќе се презентираат виното и сирењето од пограничниот регион Охрид-Преспа, како дел од традиционалната гастрономија. Заради неговата корисност се очекува да прерасне во значаен туристички настан во Охрид и вистинска можност за презентација на новите техники на маркетинг и продажба, поттикнување на партнерски врски и воведување дополнителни стимулативни мерки.

Веднаш по фестивалот „Вино и сирење 2018“ продолжува манифестацијата „Охрид крафт експо“, која ќе се одржи од 12-ти до 14-ти август. Целта на оваа манифестација е да да го промовира занаетчиството и занаетчиите, односно нивните производи и услуги, да го доближи занаетчиството до младите луѓе, до граѓаните и до институциите, да поттикне континуирана кампања за промоција на занаетчиството како фактор за економски развој, за зачувување на традицијата и културата на нашата земја, како и можност за подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните кои се занимаваат со занаетчиска дејност.

Посетителите на овие манифестации ќе имаат можност повеќе да се запознаат со локалните производи на ова поднебје. Програмата ќе биде збогатена со настап на Ансамбал „Билјана Јуниор“ и Оркестарот „Климе Садило“. (Крај)

извор: општина Охрид фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest