Radomirpsaltir

Импресивна изведба на македонскиот ораториум „Радомировиот псалтир“ на „Охридско лето“

Охрид, 9. август 2018 (ИНПРЕС) – Воодушевена публика и овации за македонските уметници кои синоќа во Предворјето на црквата „Света Софија“  настапија на фестивалот „Охридско лето“ со ораториумот „Радомировиот псалтир“ од Димитрие Бужаровски.

Солисти на вечерта беа врвните македонски сопрани Весна Ѓиновска  Илкова и Славица Петровска Галиќ, тенорот Благој Нацоски, басот Владимир Саздовски, кои настапија заедно со оркестарот и хорот на  Македонската опера и балет и детскиот хор „ Пиколо“ подготвен од Весна Димчевска.  Ораториумот беше изведен под диригентската палка на Бисера Чадловска.

Освен публиката, задоволен од синоќешниот настан на фестивалот „Охридско лето“ беше и композиторот на делото, Димитрие Бужаровски, звучно име  во светот на музичката уметност.

IMG_8699

– Мислам дека беше извонредна изведба, и тоа, се разбира, од најреномираниот ансамбл, Македонската опера. Многу се вложија сите и се чувствуваше дека со задоволство го исполнуваа делото. Навистина сум горд што синоќа сите имаа можност да уживаат во еден семакедонски производ.  Прво, текстот  кој е мошне значаен во македонската култура од 13-от век, е последниот текст којшто е сочуван во старата кирилометодиевска традиција.Потоа јас како композитор,  македонски ансамбл, македонски изведувачи, македонски хор… тоа навистина ретко се случува кај нас и се надевам дека сите го ценеа ова и уживаа во синоќешниот концерт, вели композиторот Бужаровски.

IMG_8663

Радомировиот псалтир  е кирилски литургиски псалтир со молитви од втората половина на 13-от век. Ораториумот, како што појасни композиторот, е замислен и напишан токму за фестивалот „Охридско лето“.

– Овој проект, во 1999 година,  првобитно беше замислен и напишан токму за фестивалот „Охридско лето“ . Оттогаш поминаа и 19 години и многу ми е драго што конечно е изведен таму за каде што беше наменет, додава Бужаровски.
Учеството на Бужаровски на најголемата и најзначајната културна манифестација во Република Македонија, фестивалот „Охридско лето“,  има континуитет, како композитор, пијанист, но и изведувач на синтесајзери. Во 1990 година на фестивалската сцена во Предворјето на „Света Софија“ беше изведен и неговиот ораториум „Охрид“ од страна на Македонската филхармонија и хорот на Факултетот за музичка уметност.

Димитрие Бужаровски е еден од најплодните македонски композитори со над 70 опуси во кои спаѓаат и четири симфонии, три ораториума, седум концерти, две опери и два балета, поголем број на сонати и циклуси на соло песни.  Ораториумот „Радомировиот псалтир“ е единственото македонско дело кое било номинирано за најпрестижната светска награда за композиција „Grawemeyer Award“ во 2003 година од американскиот универзитет Луизијана тех. (Крај)

извор: Охридско лето фото: Охридско лето

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest