aleksandar-muzicar

„Охридско лето“ приредува Вечер на камерна музика со ансамблот на „Игњац Фукс“

Охрид, 9. август 2018 (ИНПРЕС) – Денешната музичка понуда на фестивалот „Охридско лето“ е  Вечер на камерна музика со ансамблот на „Игњац Фукс” што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21:00 часот.

Во ансамблот на „Игњац Фукс“ членуваат македонско-австриската виолинистка Фросина Богдановска,  хрватскиот уметник Хрвоје Филипс кој свири на виола, македонско-хрватскиот контрабасист Илин Диме Димовски, српскиот кларинетист Александар Тасиќ, обоистот Дарио Голчиќ од Хрватска, како и македонско-американската пијанистка Јана Павловска-Молц. Уметниците од овој ансамбл ќе изведат дела од Александар Арутиуниан, Сергеј Прокофјев и Јохан Михаел Хајдн.

Македонската виолинистка Фросина Богданоска потекнува од уметничко семејство под чија закрила ги прави првите чекори и успеси со свирењето на виолина. Во 2001 година се запишува на Националниот музички конзерваториум во Тулуз, а дипломски и постдипломски студии завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Своето образование потоа го продолжува на Кралската академија во Лондон, а две години подоцна запишува специјализација на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена. Покрај солистичката дејност, Богданоска често настапува и во камерни состави.

Frosina Slika

Хрвоје Филипс своето музичко образование го стекнува во Хрватска. Од 1997 година работи како виолист во оркестарот на Хрватскиот народен театар во Загреб, а три години подоцна станува член на познатиот состав „Загрепски солисти“. Од 2004 година е член на симфонискиот оркестар на ХРТ, а една година подоцна станува и еден од членовите на Загрепскиот квартет.

Hrvoje Philips

Илин – Диме Димовски е еден од најактивните македонски контрабасисти. Вработен е во филхармонискиот оркестар на градот Загреб, постојан соработник е на симфонискиот оркестар на ХРТ, а редовно се појавува и со хрватскиот барокен ансамбл, „Загрепски солисти“, ансамблот за современа музика „Кантус“, како и со Хрватскиот камерен оркестар. Во исто време соработува и со интернационалниот оркестар „Без граници“ и италијанскиот симфониски оркестар „Сан Марко“. Добитник е на повеќе национални и интернационални награди за контрабас и камерна музика.

Дарио Голчиќ е хрватски обоист, добитник на повеќе награди во и надвор од Хрватска. Своето образование го започнува во родната земја, а подоцна се усовршува кај обоистите Хајнц Холигер и Кристијан Шмит. Во текот на своите студии имал чест да настапува со значајни ансамбли од Германија, Хрватска, Швајцарија. Моментално работи како обоист на симфонискиот оркестар на националната ХРТ и како доцент по обоа на Музичката академија во Загреб.

Александар Тасиќ е еден од најеминентните кларинетисти на својата генерација. Како солист досега има настапувано со повеќе значајни оркестри на концертните подиуми во Србија и странство, под диригентската палка на еминентни имиња. Чест гостин е и на најпрестижните фестивали во Европа и Азија. Тасиќ е претставник на познатиот произведувач на опрема за дувачки инструменти „Вандорен“ од Франција и американската компанија за изработка на кларинети „Ројал“.

Јана Павловска – Молц своето образование го започнува во Македонија. По дипломирањето, се запишува на магистерски студии на Колеџот по изведувачки уметности во Чикаго, кои успешно ги завршува, а во моментов е на докторски студии на Универзитетот во Илиноис. Постојано е активна на музичките сцени во светот, каде често соработува со значајни музичари. Добитник е на голем број награди на национални и интернационални натпревари. (Крај)

извор: Охридско лето фото: Охридско лето

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest