Cingodela

Изложба на дела од Живко Чинго во охридската Библиотека

Охрид, 10. август 2018 (ИНПРЕС) – Во рамките на предвидените програмски активности, НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид, организира Изложба на дела од писателот и раскажувач Живко Чинго, со што ќе се одбележи годишнините од неговото раѓање и смрт.

Живко Чинго е роден во 1935 година во охридското село Велгошти каде завршил основно училиште, по што учел во гимназијата во Охрид. Во 1959 година дипломирал на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Извесно време работел како професор по книжевност во гимназијата во Охрид, а во Скопје работел во: „Студентски збор“, во „Млад борец“, во Радиотелевизија Скопје, во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, во Центарот за политички студии, а бил и долгогодишен директор на Драмата при Македонскиот народен театар. При крајот на животот работел како советник при Републичкиот комитет за култура. Во 1963 година станал член на Друштвото на писателите на Република Македонија (ДПМ), а бил и член на МАНУ. Почина на 11-ти август 1987 година.

Во македонската книжевност Чинго влегол кон крајот на педесетите години. Уште во своите први раскази, објавени во периодиката, тој го свртел кон себеси вниманието на книжевната јавност, а со појавата на првата збирка раскази „Пасквелија“ било јасно дека се работи за голем мајстор на расказот. Првата збирка раскази „Пасквелија“, издадена во 1961 година, била дочекана како книжевно откровение. Неколку години подоцна, во 1965 година, тој ја објавил и втората книга раскази „Нова Пасквелија“, која го повторила големиот успех на првата книга. Во 1966 година, Чинго го објавил романот за деца „Сребрени снегови“, а во 1971 година и својот втор роман Големата вода (по која е снимен и истоимениот филм). Книгата раскази „Вљубен дух“ била објавена во 1976 година, на српскохрватски јазик. Сите овие пет прозни дела го сочинуваат јадрото на неговото творештво и го потврдуваат Чинго како автор со својствен раскажувачки свет, исклучителен по својата оригиналност, едноставност, со својата поетичност и непосредност, со својата раскажувачка драматика. Неговото творештво е високо вреднувано од македонската и југословенската критика, а неговите дела се преведувани на: српскохрватски, словенечки, албански, руски, полски, француски, унгарски и германски.

Изложбата ќе биде поставена во Прличевата одаја од 13-ти до 20-ти август. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest