Интернационалниот „Охрид фест – Охридски трубадури 2019“ со европски и светски музички ѕвезди

Охрид, 29. август 2019 (ИНПРЕС) – Светски призвук и несекојдневен ритам на 26-то издание на интернационалниот фестивал „Охрид фест – Охридски трубадури“, што ќе се одржува на 5-ти 6-ти и 7-ми септември на летната сцена Долни сарај.

Еминентни музички ѕвезди од Балканот и пошироко, ќе ја разубават сцената во градот бисер Охрид.  Традицијата на фестивалот продолжува, со збогатена програма и ревијален дел. На големо задоволство на советот на фестивалот, пристигнуваат естрадни уметници од Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Албанија, Русија, Германија, Малта, Шведска и Америка.

Во интернационалното шоу сочинето од големите музички имиња, учество ќе земат и десет наши реномирани изведувачи кои ќе бидат наградени во претходната поп вечер на фестивалот.

Македонската публика има привилегија да ги слушне музичките тонови на ексклузивните пејачи и со директниот пренос на МТВ, во што ќе ужива и дијаспората. Во исто време фестивалот ќе биде емитуван во живо на 28 национални телевизии од регионот.

„Охрид фест – Охридски трубадури“ се залага за професионален раст и развој на музичкиот сектор во републикава, со негов континуитет. Афирмацијата на нашите музички имиња, во интеракција со интернационаллните гости овозможува македонските тонови да бидат препознатливи на светската сцена.

Мал дел откриваме за љубителите на поп музиката, што ќе имаат чест да ги слушнат познатите Џон Џинхед, Слим Принц, Ерик Бастилијан; регионалните ѕвезди за сите генерации Срѓан Марјановиќ, Славен Кнежевиќ, Толис Домианос, Аида Дочи. Радува фактот што многу пеајчи кои одамна стапнале на оваа сцена, повторно се враќаат, како Маја Оџаклиевска.

Фестивалот е колаж од три вечери, различни по својот музички правец. Првата е фолк вечер која се одржува на 5-ти септепври, поп вечерта е на 6-ти, а манифестацијата завршува со спектакуларното издание на интернационалната поп вечер на 7-ми септември. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива