grigorkoprov-640x358

Копров: Охрид фест и годинава ќе ја собере балканската музичка елита

Охрид, 4. септември 2018 (ИНПРЕС) – Интернационалниот музички фестивал „Охрид Фест – Охридски трубадури“ годинава одбележува значаен јубилеј, 25 години од првото издание. На манифестацијата ќе настапи балканската пејачка елита, ќе се одржи на 6-ти, 7-ми и 8-ми септември, ќе се пренесува во живо на националната МТВ, а пренос ќе вршат и петнаесеттина телевизии од целиот Балкан.

– На сите телевизии кои нѐ пренесуваат на почетокот на секоја фестивалска ноќ се емитува репортажа за убавините на Охрид. На тој начин, нашиот туристички бисер и Република Македонија воопшто добиваат одлична бесплатна реклама, вели основачот и директор на фесетивалот, реномираниот композитор Григор Копров, кој беше денешен гостин во Радио Корнер на Супер радио.

Супер радио: Како течат подготовките за престојното јубилејно издание на „Охрид Фест – Охридски трубадури“? Колку се` уметници ќе видиме во трите фестивалски вечери?

Копров: Се` е подготвено за јубилејниот „Охрид Фест – Охридски трубадури“. Фестивалот имаше свои светли и не така светли денови, но сепак опстоивме и со право можам да кажам дека е најафирмативната манифестација за Македонија, бидејќи фестивалот ги собира најквалитетните пејачи од балканските простори. Оваа година имаме над 80 изведувачи.

Супер радио: И оваа година првата фестивалска вечер сцената ќе биде резервирана за фолкерите?

Копров: Почнуваме на 6-ти септември со фолк вечерта каде ќе настапат Петар Нечовски, Милован Секулоски, Благица Павлоска, Кате и Нели ти реков и многу други. Фолк вечерта ќе донесе 22 нови фолк композиции. Посебна атракција ќе биде 90-годишната Добрила Чабриќ, победничката на регионалното шоу „Никогаш не е доцна“, а секако и балканската музичка ѕвезда Мерима Његомир. На 7-ми септември со 18 нови песни продолжуваме со поп вечерта, каде поголем простор за афирмација ќе и биде дадена на новата, млада и надежна генерација пејачи. Завршната ноќ, на 8-ми септември ќе ја проследиме интернационалната вечер на која ќе настапат квалитетни изведувачи, меѓу кои и 6-7 евровиски претставници од различни земји, како на пример минатогодишната претставничка на Грција на Евровизија Елизабет Христоу, потоа споменам и Панделис Кастанидис, еден од најнадежните млади пејачи. Сите вечери почнуваат во 20:30 часот на Кеј „Македонија“ пред хотелот „Нова Ревиера“.

Супер радио: Кому оваа година ќе им припадне честа да бидат водители на фестивалските вечери?

Копров: Васил Зафирчев и Маријана Станојковска ќе бидат водители на поп и на интернационалната вечер, а покрај нив на фестивалот ќе се појават вкупно пет водители.

Супер радио: На кој начин ќе се одвива гласањето?

Копров: Вообичаено на фестивалот се користи евровискиот принцип на гласање. Жири комисијата ќе гласа со поени од 1 до 12 и на тој начин ќе се изберат победниците. Процесот ќе биде транспарентен и ќе се следи во живо преку телевизискиот пренос.

Супер радио: Шоу програмата додека трае гласањето на фестивалот отсекогаш била атрактивна. Што да очекуваме оваа година, кои се имиња ќе настапат додека жири комисијата гласа?

Копров: Додека трае гласањето на фолк вечерта своја шоу програма ќе има Нада Обриќ. На поп вечерта имаме изненадување кое ќе ни го приреди бизнисменот Трифун Костовски кој сакаше својата шоу програма до крај да ја држи како изненадување за публиката. Од она што тој го откри е дека неговото шоу ќе биде своевидно славење на љубовта. На интернационалната вечер ќе се потсетиме на најголемите хитови на групата „Колонија“, на Ален Иламовиќ, потоа овогодинешните претставници на Евровизија на Србија, групата „Балканика“ и Сања Илиќ, Марко Кон.

Супер радио: По повод јубилејот ќе се доделуваат благодарници, а почит ќе му се оддаде и на поп и рок пејачот Влатко Илиевски, кој години наназад беше редовен учесник на фестивалот.

Копров: За жал Влатко веќе го нема и Тоше Проевски го нема, а со „Усни на усни“ ја започна својата кариера од Охрид. И режисерот Тихомир Бачовски почина вчера, па ќе најдеме начин да ги спомнеме и да им оддадеме почит. Да откријам дека посебна благодарница ќе доделиме и на Вашето Супер радио како долгодогишен поддржувач и промотор на фестивалот.

Супер радио: Фестивалот „Охрид Фест“ е препознатлив не само на нашите простори, туку и многу пошироко. Традиционалано во живо го пренесуваат многу балкански телевизии. Ќе остане и годинава така?

Копров: Пренос во живо ќе има на националната МТВ, но и на повеќе телевизии: Балканика од Бугарија, Бел Ами и Коперникус од Србија, ТВ Z1, CMC (Croatian Music Channal) од Хрватска, Хајат од Босна и Херцеговина, Визион Плус од Албанија, TRT од Турција, ТВ Шансона од Русија и австралиската сателитска ТВ INTV. На сите телевизии кои нѐ пренесуваат на почетокот на секоја фестивалска ноќ се емитува репортажа за убавините на Охрид. На тој начин, нашиот туристички бисер и Македонија воопшто добиваат одлична бесплатна реклама.

bistrocorner1

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Bistro Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest