pececorner2

Неданов: Очекуваме атлетичари од десетина земји на Интернационалниот атлетски маратон

Охрид, 5. септември 2018 (ИНПРЕС) – Љубителите на трчањето одбројуваат уште два дена до почетокот на Интернационалниот атлетски маратон кој ќе се одржи на Денот на независноста на Република Македонија, 8-ми септември.

Патеката е долга 30 километри, стартот е од Св. Наум, а на целта пред Центарот за култура „Григор Прличев“, најбрзите се очекува да пристигнат пред 11:00 часот.

– Пријавувањето се врши online преку страниците www.smartrace.club и www.worldsmarathons.com трае до вечерва до полноќ, а до овој момент се пријавени 130 натпреварувачи од 10-тина земји. Како фаворити годинава и во машка и во женска конкуренција се претставници на Кенија, но би го споменал и учесникот на Словачка, кој има освоено многу маратони и има одлична репутација, вели Пецо Неданов, првиот човек на Атлетскиот клуб Охрид и претседател на Организациониот одбор на маратонот,  кој беше гостин во емисијата „Радио Корнер“ на Супер радио.

Покрај традиционалната 30 километарска трка, ќе се одржи и пет километарската трка, воведена минатата година како новина, а годинава ќе се воведе и live stream пренос во живо, преку кој ќе може во секој момент да се види кој натпреварувач до каде е со стазата.

– Продолжуваме и годинава со она што лани го вметнавме како новитет, а тоа е „Трката на независноста“, која е пет километарска, а ја воведовме за да има повеќе луѓе кои ќе ги бодрат натпреварувачите на целта. Годинава ќе имаме и live stream, пренос во живо од трката, со што сакаме во следните изданија да мотивираме да ни се приклучат што повеќе љубители на трчањето, вели Неданов.

Оваа година манифестацијата беше најавена со промотивно видео направено на иницијатива на Живко Стојчески, првиот иницијатор на овој маратон, кој ја започна оваа маратонска традиција во 1976-та година, а воедно и најтрофеен учесник на овој маратон.

– За традицијата, тежината на оваа доста живописна патека, преку видео порака своите искуства од маратонот ги споделија неколку познати атлетичари, меѓу кои Игор Јакимовски, Кокан Ајновски и Славко Симоновски, маратонецот со најмногу учества на овој маратон. Покрај врвни атлетски имиња, од јавните личности и овој пат меѓу натпреварувачите ќе го видиме и министерот за финансии Драган Тевдоски, истакна Неданов.

– Низ годините наназад како организација се соочувавме со финансиски проблеми поради кои во 2011-тата година маратонот не се одржа. Последниве години имаме поддршка од Атлетската федерација на Република Макеоднија, од Агенцијата за млади и спорт и од општина Охрид.

Маратонот за прв пат е организиран во 1976-та година и непрекинато се одржува до 1993-та година. Се возобновува во 2004-тата година и оттогаш се случува традиционално, со исклучок на 2011 година.

bistrocorner1

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Bistro Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest