Kurc

Курц повика да се гласа „ЗА“ на референдумот

Скопје, 7. септември 2018 (ИНПРЕС) – Австрискиот канцелар ги повика граѓаните да се изјаснат „за“ решавање на спорот со името и „за“ европската перспектива на земјата. И на ВМРО-ДПМНЕ им ја пренесува пораката дека за европска перспектива неопходно е решавање на спорот за името.

Европската унија ќе биде комплетна кога во неа ќе биде интегриран и Западниот Балкан, рече канцеларот на Австрија, Себајстијан Курц. Австија од 1 јули годинава е актуелен претседавач со Унијата. Курц, по средбата со премиерот Зоран Заев во Скопје го поздрави Договорот со Грција за името и рече дека Договорот е голема шанса да се забрзаат процесите во Македонија, но и голема шанса и за регионот.

„Би сакал да ги поканам граѓаните на Македонија да учествуваат на овој референдум и да се изјаснат „за“ решавање на спорот со името и „за“ европската перспектива на земјата. Тоа е одлука на секој поединец и не е мое да направам јас одлука за некого, но како пријател на Македонија и како активна земја членка на ЕУ, ние ќе сметаме дека би било многу позитивно доколку има високо учество и позитивен исход на референдумот“, рече Курц.

Македонскиот премиер Зоран Заев се заблагодари за поддршката од Австрија за Македонија, првин во процесот за преговори за името, а потоа и за влез во НАТО. Тој се заблагодари и што меѓународната заедница ја препознала промената во Македонија ѝ што и дале шанса на земјата. Заев додаде дека земјата ќе остане посветена да остане позитивен пример во светот.

„Освен како признание, ова го прифаќаме и како обврска и понатаму со иста енергија да го нудиме нашиот придонес за еден нов Балкан. Вашата посета е силна порака и поттик во пресрет на референдумот на кој граѓаните во нашата земја ќе ја изберат иднината. Ќе го дадат својот глас за одобрување на Договорот со Грција, со кој ни се гарантира нашето место во ЕУ и во НАТО“, рече Заев.

Курц запрашан за тоа како го коментира тоа што нивната сестринска партија ВМРО-ДПМНЕ, сè уште нема став за референдумот, рече дека и ним ќе им ја испрати истата порака, која му ја пренел и на премиерот.

„Јас сметам дека е важно балканските држави, а пред сè Македонија да имаат европска перспектива и да ја користат и да одат по тој пат, а дел од тоа е и решавање на спорот за името, така што мојата порака е иста, независно со кого разговарам“, рече Курц.

Македонската владина делегација ја пречека делегацијата од Австрија, предводена од Курц на платото пред Владата. Но, наместо австриското знаме, на јарболот беше истакнато знамето на Латвија. Грешката беше исправена на прес-конференцијата во Владата, каде овојпат имаше вистинско австриско знаме. (Крај)

извор: РСЕвропа фото: Канал5

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest