sredba-pogradec

Средба во Поградец за подготовката на новиот план за сливот на Охридското езеро

Охрид/Поградец, 11. септември 2018 (ИНПРЕС) – Денеска во Поградец, Албанија во рамки на Дримскиот процес се одржува состанок околу подготовката на заедничкиот менаџмент План за сливот на Охридското езеро.

Присуствуваат градоначалниците на Охрид и Поградец, Јован Стојаноски и Едуард Капри и Дејан Пановски, национален координатор на ГЕФ Дримскиот проект.

Кон средината на мај во Охрид беше презентиран веќе изработениот почетен извештај за изработка на планот за управување со сливот и беа посочени принципите и чекорите за изработка на самиот План за управување.

– Заеднички, интегрален План за управување со сливот е алката што ни недостасуваше во заштитата и управувањето со Охридско Езеро. Овој план заедно со прекуграничната дијагностичка анализа на Дримскиот Басен и Стратешкиот акционен план се основата за поставување на надеж за зачувување на вредностите и за креирање на одржливата иднината во регионот. Тоа е впрочем нашата мисија и цел кон која тежнееме, потенцира Пановски.

sredba pogradec 2

Токму изготвувањето на планот за управување со сливот на Охридското езеро, како алка која недостасува беше потенциран и на Петтата Конференција на заинтересираните страни за управување со Дримскиот басен, што во месец ноември минатата година се одржа во Подгорица, Црна Гора.

Со овие чекори кои се превземаат, се реализира компонента која е од голема важност за управувањето со ресурсите со кои располага поширокиот регион на Охридското езеро.

Изработката на Планот за управување со сливот на Охридско Езеро е финансирана во рамите на ГЕФ Дримскиот Проект и е една од клучните активности во програмата за мерки за заштита и управување во басенот. Изработката е предвидено да трае 18 месеци и да резултира со Финален и усвоен План за управување со сливот на Охридско Езеро согласно Европската рамковна директива за води. (Крај)

извор: ИнПрес фото: Дејан Пановски

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest