Градоначалникот Стојаноски на средба со Амбасадорот на САД Џес Бејли

Охрид, 13. септември 2018 (INПРЕС) – Градоначалникот на Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски, оствари средба со Амбасадорот на САД во Република Македонија, Џес Бејли.

На средбата беше потенцирана добрата соработка што амбасадата ја има со Република Македонија, а како потврда беше издвоен конзерваторискиот проект на црквата Свети Богородица – Перивлепта, кој целосно беше финансиран од американската амбасада.

Од страна на градоначалникот на Охрид, им беше посочено дека Локалната самоуправа се залага за одржлив развој во туризмот во кој спаѓа и урбаното планирање според препораките на УНЕСКО.

Градоначалникот и Амбасадорот, констатираа дека треба да се стави акцент на меѓуграничната соработка со Поградец, Албанија, односно да се изработуваат проекти кои го опфаќаат Охридското езеро. Во таа насока градоначалникот Стојаноски напомена дека во тек е постапка за одвојување на колекторскиот систем од МЈП „Проаква“, по што државата ќе го преземе одржувањето, реконструкцијата и доизградбата на колекторскиот систем.

На крајот од средбата градоначалникот Стојаноски изрази благодарност до амбасадорот Бејли, за севкупната поддршка што САД им ја даваат на Република Македонија, но и за поддршката што амбасадорот ја дава кон државата, а особено кон градот Охрид. (Крај)

извор: Општина Охрид фото: Општина Охрид

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest