micelmogerini

Могерини и Мичел денес во политичка офанзива во Скопје

Скопје, 13. септември 2018 (ИНПРЕС) – Високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, и помошникот американски државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел денес доаѓаат во Скопје каде ќе одржат средби со македонскиот државен врв.

Могерини ќе има средби со премиерот Зоран Заев, со претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, а ќе се сретне и со лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски. Како што соопшти владината прес-служба, Могерини и Заев ќе ја посетат турската чаршија, каде ќе дадат кратки изјави за медиумите.

Целта на посетата, велат од кабинетот на Могерини, е да разговара за „иднината на односите и перспективата на интеграција во ЕУ за земјата“, јави дописничката МИА од Брисел.

Високата претставничка потсети дека го поздравува „историскиот договор“ постигнат со Грција за името и дека ЕУ ја поддржува земјата, согласно “зајакнатата заложба на ЕУ на Западниот Балкан“.

Посетата на Могерини е во пресрет на референдумот закажан за 30 септември на кој граѓаните треба да се изјаснат за Договорот од Преспа.

Мичел на претставниците на парламентарните партии и на бизнис заедницата ќе им ја нагласи американска поддршка за приклучувањето на Македонија во западното семејство, се наведува во соопштението. Американскиот сенатор Рон Џонсон, кој беше во Скопје, на крајот на својата балканска турнеја ги повика Косово и Србија при решавањето на долготрајниот спор, да се угледаат на Македонија и Грција. (Крај)

извор: Таратур фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest