jani-makraduli-600x360

Макрадули: Став на експертите е дека Дебрца е најидеалното место каде би се градела регионалната депонија за третман на отпад

Охрид, 14. септември 2018 (ИНПРЕС) – Став на експертите е дека општина Дебрца е најидеалното место каде би се градела регионалната депонија за третман на отпад, рече денеска во Охрид заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули.

Додаде дека одлуката дали локацијата ќе биде онаа посочената или некоја друга, ќе биде одлучено по консултациите.

– Треба да се разговара така што организираме јавни расправи бидејќи сакаме со граѓаните да се убедиме со аргументи. Сакам да ги уверам граѓаните дека целата постапка и целото мониторирање околу изградбата на регионалните депонии ќе се спроведува согласно најдобрите практики и техники што постојат. Така пишува во Законот и верувајте дека тоа ќе го следам, потенцира Макрадули, потесетувајќи дека речиси сите општини во Македонија дале согласност Владата да ги преземе ингеренциите за распишување тендер за избор на концесионер што ќе управува со отпадот во регионите.

Истакна дека како министерство го следат европскиот концепт за регионално менаџирање на отпадот, а европските вредности ќе доминираат и во комуникацијата со граѓаните при донесувањето конечни одлуки. Ресорното министерство започна со активности за чистење на повеќе депонии низ Македонија, од кои едната на самиот влез во Охрид. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest