Новиот начин на наплата на паркинзите во Охрид, скоро двојно ги зголеми приходите

Охрид, 22. септември 2019 (ИНПРЕС) – Новиот начин на наплата на паркинзите скоро двојно ги зголеми приходите на ЈП „Билјанини извори“, во однос на претходните години.

Системот за наплата преку SMS пораки, иако со мали проблеми на почетокот и се’ уште со помош од вработените, сепак функционира. Зголемената цена на паркингот во строгиот центар, сливањето на средствата на едно место, со намалување на можностите за поситни мавлерзации, направија приходите на наплатата на паркинзите веќе во текот на првите 6 месеци од 2019-та година да се повисоки од целата 2017-та година.

Според податоците кои Супер радио и OhridPress ги добија од Јавното претпријатие, во 2017-та година од паркинзите се регистрирани 11.362.334 денари, или близу 185.000 евра. Една година подоцна, во 2018-та година се остварени 19.544.130 денари или над 317 илјади евра, за оваа година, само во првите шест месеци да се инкасирани 13.785.684 денари или близу 225.000 евра. Јавното претпријатие стопанисува со околу 950 паркинзи, од кои во зона А се околу 550 паркинг места.

Од стопанисувањето со Спортската сала во 2017-та година се остварени 4.541.615 денари, во 2018-та 7.052.959 денари, а во првите 6 месеци на оваа година 1.534.900 денари. Закупот на Стадионот во Охрид во 2017-та година на ЈП му донел 5.892.000, во 2018-та 7.403.344, а во првите 6 месеци оваа година 2.389.100 денари. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес