ustaven sud

Уставниот суд пресече: Се отфрла иницијативата за блокирање на референдумот

Скопје, 19. септември 2018 (ИНПРЕС) – Нема уставни пречки за спроведување на референдумот на 30 септември, оценија денеска мнозинството судии на Уставниот суд.

Тие одлучуваа по иницијатива поднесена од професорот Димитар Апасиев од партијата Левица и од Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес. Според подносителите, одлуката за референдумот не е во согласност со Уставот, со Законот за референдум како и со воспоставените европски стандарди. Нивното барање беше Судот целосно да ја поништи одлуката за распишување на референдумот, или да ги поништи резултатите од истиот.

Судијката известител за предметот, Елена Гошева пред своите колеги аргументирала дека референдумското прашање е двосмислено и нејасно, и дека министерот за надворешни работи Никола Димитров немал право да го потпише договорот со Грција.

Мнозинството од седум уставни судии го отфрлиле ваквото образложение и гласале „против“ поведување постапка за преиспитување на уставноста на референдумот. Двајца судии, Гошева и Јосиф Јосифовски биле за тоа да се поведе постапка за сопирање на референдумот.

Двајцата подносители на иницијативата, Апасиев и Петров по седницата оценија дека Уставниот суд донел неуставна одлука под притисок. Апасиев смета дека одлуката е „погреб за правната држава“, додека Петров вели оти таа е контрадикторна. И двајцата повикуваат на бојкот на референдумот како единствен начин да се изрази волјата на граѓаните за Договорот од Преспа. (Крај)

извор: DW фото: DW

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest