policija28

Охрид повторно доминира во полицискиот билтен

Охрид, 27. септември 2018 (ИНПРЕС) – Охрид повторно доминира во полицискиот билтен на МВР – „бесправно градење“, „фалсификување или уништување деловни книги“ и „фалсификување исправа“, само дел од делата поместени во истиот.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против С.Р.(47) од Радовиш поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „бесправно градење“ и „узурпација на недвижности“. Во текот на 2016 и 2017 година, во село Трпејца, охридско, пријавениот, како инвеститор, без да поседуваа соодветна документација, изградил објект, при што узурпирал земјиште во сопственост на Република Македонија.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против И.В.(43) од Скопје и правното лице „Ман Импортер Македонија“ ДООЕЛ Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување или уништување деловни книги“. Пријавените со печат и потпис завериле и поднеле акт до Бирото за метрологија од 04.01.2017 година со невистинита содржина, во кој потврдиле дека на четири автобуси со ЕУРО 2 стандард биле вградени партикуларни филтри и катализатори и дека биле извршени мерења спроведени по ESC тест циклус во согласност со UNERCE R49.3 со кое се докажува дека возилата имаат емисија на издувни гасови Еуро 4. На тој начин овозможиле возилата на незаконски начин да бидат регистрирани во Република Македонија и да се пуштат во сообраќај.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Н.Ѓ.(40) од село Драслајца поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „повреда на права од работен однос“ и продолжено кривично дело „фалсификување исправа“ и „поттикнување“. Пријавениот, кој немал завршено основно образование, со цел обезбедување на документи за вработување на работно место со повисока стручна спрема, поттикнал непознато лице да му набави фалсификува исправа. Откако лицето му набавило фалсификувана албанска диплома за завршено средно образование, ја употребил на конкурс за вработување објавен во 2014 година, врз основа на кој се вработил во Основен суд – Охрид на работно место „судски правен референт“ со надомест на плата од 16.000 денари. (Крај)

извор: МВР фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest