Natasa-Popovic

Поповиќ: Емотивно сум врзана со „Охридско лето“ и како гледач и како учесник

Охрид, 27. септември 2018 (ИНПРЕС) – Наташа Поповиќ речиси еден месец е на чело на нашата најпрестижна музичко – сценска манифестација, фестивалот „Охридско лето“. Таа е охриѓанка, доаѓа од музичко семејство, се едуцирала во САД, а на директорската позиција доаѓа од СМУ „Илија Николовски Луј“, каде работела како професор по пијано.

Во интервју за Супер радио и OhridPress зборува за нејзината досегашна кариера, за поврзаноста со Охрид и фестивалот „Охридско лето“, но и за приватниот живот.

Супер радио: Од неодамна седнавте во директорската фотелја на фестивалот „Охридско лето“. Па, за почеток која е Наташа Поповиќ?

Поповиќ: Јас сум по вокација професор по пијано. Доаѓам од СМУ „Илија Николовски Луј“ во Скопје, каде што работев 21 година како професор во отсекот по пијано. Претходно мојата едукација се одвиваше во САД, каде се стекнав со високо образование и магистратура, како дипломиран пијанист. Инаку, сум охриѓанка, сопруга и мајка на две ќерки, Барбара, која е прва година на факултет и тргна по моите стапки, не како пијанист, туку како оперски пејач. Другата ќерка Патриција е деветто одделение и моментално свири виолина, но не покажува некои особени амбиции да продолжи понатаму.

Супер радио: Освен сега како дирктор, со фестивалот сте поврзани уште многу одамна и како публика, но и како учесник.

Поповиќ: Емотивно сум поврзана со „Охридско лето“, доаѓам од музичко семејство, мојата мајка, професор по флејта, имаше голем удел во фестивалот уште од самите почетоци. Таа ме носеше по концерти, можеби и заради тоа добив желба да сум музичар. Врзана сум со фестивалот и како перформер на пијано. Моето учество на „Охридско лето“ е пред повеќе години, кога професорот Борис Романов, еминентен пијанист и академски професор од Русија, држеше семинари во охридското музичко училиште кои јас редовно ги посетував. По завршување на фестивалот сите млади музичари имавме настап на фестивалот „Охридско лето“ преку Музичка младина.

Супер радио: Вие сте музичар, сигурно менаџерската позиција токму во таква институција и за Вас е предизвик?

Поповиќ: Доаѓам во оваа национална установа после 21 година како професор по пијано. Драго ми е што сум поврзана со оваа установа и затоа и прифатив да бидам директор, бидејќи секогаш сакам да бидам со музиката, класична пред се`, но и други жанрови. Затоа ми е многу мило и сакам да ги искористам максимално сите меѓународни контакти што ги имам со големи имиња, музичари и актери, но пред се во предвид ќе ги имам нашите македонци, големи уметници за да настапат на сцената во црквата „Св. Софија“, Антички театар или на Долни сарај.

Супер радио: Зад нас го оставивме 58-то издание на „Охридско лето“, а Вие, но и целиот тим сигурно веќе го работите следното фестивалско издание.

Поповиќ: Подготовките за следното издание се во тек, изготвена е предлог програма со селекторите, професор Васо Ристов, како музички селектор и режисерот Александар Поповски, како драмски селектор, заедно со управниот одбор и претходната директорка Сузана Вренцовска. Тоа е само предлог програма од која што верувам дека ќе има измени, тоа го кажува праксата од претходните години. Но, би сакала голем дел од таа предлог програма, која ја разгледав, навистина да се реализира, бидејќи е богата со многу разновидни камерни состави, солистички концерти, претстави. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest