Охрид, 2. октомври 2018 (ИНПРЕС) – Нoрвешкиот дувачки ансамбл Hillestad Promenade Orkestar, оваа недела ќе одржи два концерти, во Струга и Охрид.
Овој оркестар е составен од група возрасни музичари аматери, кои за себеси велат дека се „една среќна банда“ која музиката и дружењето ги става на прво место. Оркестарот е дел од Националниот дувачки оркестар на Норвешка како и на Норвешкото Музичко Собрание. Двата концерти ќе се одржат на отворено со цел да се привлече вниманието на секојдневните минувачи и туристи низ струшката и охридската чаршија.
Концертот во Струга ќе се одржи вечерва, пред споменикот на Револуцијата, а во Охрид е закажан за во четврток, на 4-ти октомври 2018 година, на новата сцена во Охрид, на просторот помеѓу ТЦ „Амам“ и „Жито Леб“, со почеток во 19:00 часот.
Концертите се во организација на Здружението за развој на културно-уметнички вредности „Тактус“ од Охрид. (Крај)
извор: ИнПрес фото: архива