seet

Охрид и Македонија ќе се претстават на SEET 2018 – South East Europe Tourism конференцијата

Охрид, 3. октомври 2018 (ИНПРЕС) – Убавините на Охрид и Република Македонија ќе бидат претставени на конференцијата SEET 2018 – South East Europe Tourism.

Љупчо Јанески, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, заедно со Марија Лабович, директор на Националната туристичка организација на Србија, Нада Јованович директор на Туристичката организација на Република Српска и претставници од Хрватска и Црна Гора, ќе бидат панелисти на тема: „Aвтентичните дестинации и исклучителни искуства – предизвик за новите патувачи“.

SEET 2018 – Туризам за Југоисточна Европа e 8-ма бизнис конференција која се одржува под покровителство на Министерството за трговија, туризам и телекомуникации на Република Србија. Составена како синергија на неколку паралелни сегменти (Пленарна сесија, B2B средби, Тркалезна маса, Експо, …), SEET 2018 се фокусира на деловните интереси на учесниците.

Агенцијата за туризам со своите претставници, ќе учествува во сите сегменти и ќе даде придонес, со цел за подобрување на односите и поефикасна соработка со регионот. Идејата е искуствата и ресурсите да се применат во поефикасна артикулација од заеднички интерес за создавање на нови пазарни стратегии.

Сава Центар, Белград е местото каде туристичките професионалци и лидери од регионот ќе имаат можност да дискутираат, да споделат искуства и идеи за заедничко делување на повеќе теми: колку од дестинациите од регионот се конкурентни и дали се работи на стратешко позиционирање на туристичките дестинации во современиот туристички пазар, колку автентичните дестинации и исклучителни искуства се предизвик за новите патувачи, дали дестинациите ги пратат новите трендови и иновации во создавање нова вредност во туристичкиот пазар.

На бизнис конференцијата SEET 2018, вообичаено учествуваат над 400 делегати од ЕУ, Русија, Кина, Обединетите Арапски Емирати, Турција, земјите од ЈИЕ… Меѓу нив се високи претставници на релевантните меѓународни организации и бизнис асоцијации, експерти во областа на одржливиот развој на бизнисот во туристичката индустрија, државни и локални владини претставници, образовни и јавни институции, како и носители на одлуки од водечките компании во областа на туризмот и сродни индустрии. Станува збор за бизнис настан со високи стандарди и одлична организација, кој ги поврзува сите релевантни претставници на туристичката индустрија, поттикнува на создавање на модерна маркетинг стратегија за позиционирање на регионот во карактеристична и посакувана туристичка дестинација, која треба да обезбеди долгорочна профитабилност и одржлива конкурентност. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest