sdsmnovstabohrid1-640x360

СДСМ: Од ВМРО-ДПМНЕ сакаат да заборават што правеа една деценија со апсолутна власт во државата и во Охрид

Охрид, 8. октомври 2018 (ИНПРЕС) – Превртувањето на тези и барање на виновникот за состојбите во државата биле и натаму се специјалитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ  на централно, а со тоа и на локално ниво, реагираат од ОО на СДСМ од Охрид по изнесеното на денешниот прес на ОК на ВМРО-ДПМНЕ.

– ВМРО-ДПМНЕ и преку денешното обраќање на членот на Извршниот комитет Кирил Пецаков сака граѓаните да ги помине „жедни преку езеро“ и лесно да заборават што правеа врхушката на партијата и нивните следбеници над една деценија апсолутна власт во државата и во Охрид. СДСМ секогаш се виновни, а тие – ВМРО-ДПМНЕ секогаш во право. Тие ја сакаат државата, а ние НЕ. ВМРО-ДПМНЕ наместо да биде конструктивна опозиција со своето делување и кога беа власт повеќе од очигледно е дека во преговорите со Грција околу проблемот со името и во аспирациите за членство на Македонија во НАТО и ЕУ зборуваа едно пред светот а друго правеа дома. Свесно со антиквизацијата и со ред други преземања преговoрите ги турнаа во амбис  а државата во тешка изолација. Политиката, еден чекор напред два назад ја осуети целиот демократски свет кој застана зад СДСМ и коaлицијата која сака Македонија конечно да излезе од ќорсокакот  во кој беше, стои во реакцијата.

Од СДСМ додаваат дека погубната политика на ВМРО-ДПМНЕ за државата беше казнета на паралеметарните избори и потоа на локалните, а всушност и сега со 610.000 гласови ЗА на Референдумот кои значат победа на граѓаните кои докажаа дека се’ за Македонија да продолжи по патот на прогресот и  членството во НАТО и ЕУ.

– Податоците од Државната изборна комисија го велат следното: Во Охрид на референдумот излегле вкупно: 16.293 граѓани. Од нив дури 14.401 гласале ЗА а против биле 1.294 гласачи и имало 598 неважечки ливчиња. Нормално е, кога сте власт не можете одеднаш да имате волшебно стапче и да решите се’. Референдумот беше граѓански и консултативен, а не обврзувачки. После пустошот тешко и’ е на СДСМ насекаде и на централно и на локално ниво да ја доведе државата во нормала. Се оди според законите и се почитува дигнитетот на секој граѓанин. Притисоците, заканите и уцените од партиски лица се специјалитет тому на нивното владеење. Криминалот во највисоките редови на нивните политичари полека се докажува пред институциите на системот – таму каде што му е местото во судството. Токму тоа судство кое беше урнисано до темел од нивна страна. Но, очигледно тоа не му одговара на ВМРО-ДПМНЕ и не сакаат никогаш да преземат одговорност за ништо, па дури и сега кога зависи иднината на државата. За нив поважни се нивните бизниси и како да се дојде до спас на врхушката од затвор. Се’ друго е ирелевантно. И не треба многу за да си паметен – не смее да се заборави токму власта на ВМРО-ДПМНЕ цела една деценија работеше свесно или не од Охрид, впрочем како и од цела Македонија да се иселат со илјадници млади кои треба да бидат иднината. Ние  од СДСМ се трудиме да создадеме услови да се вратат, а новите генерации да останат тука и од тука да комуницираат со Европа и светот. И наместо да ја поддржат политиката на СДСМ и лидерот Заев и да застанат зад евроатлантската перспектива на земјата опозицијата спроведе  тивок бојкот на референдумот  без да им одговори на своето членство а и на симпатизерите и граѓаните – Што и како понатаму? Хаосот во сопствените редови ВМРО-ДПМНЕ треба да престане да го сее меѓу народот и чесното нивно членство има шанса да застане на патот на вистината и просперитетот на земјата. Пораката од СДСМ – Охрид е почитувани сограѓани верувајте во она што нашата партија го прави – го правиме во име на желбата за просперитет на Македонија, за брзо и членка на НАТО и ЕУ, стои во реакцијата од ОО на СДСМ од Охрид. (Крај)

извор: СДСМ фото: ОхридПтес

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest