gjoko-simjanoski

Симјаноски: Откако знам за себе го сакам филмот

Охрид, 9. октомври 2018 (ИНПРЕС) – Сериозно вљубен во филмот, фотографијата и во Охрид. Ѓоко Симјаноски, човекот кој зад себе има неверојатни 22 сезони и уште поневеројатни 890 изданија на емисијата „Филмско око“ на локалната ТвМ телевизија.

Приказната со „Филмско око“ започна на 26-ти октомври 1996 година и значела огромно искуство за него и остварување на еден животен сон, да другарува со многу луѓе од светот на филмот.

– Јас откако знам за себе го сакам филмот, бев вљубеник во него. Денес е време на брзи промени, сите информации се сведуваат на неколку реченици или следење само на насловите.  Со емисијата донесов информации што им помогнаа на гледачите да осознаат многу повеќе отколку што знаеле дотогаш. Секогаш сум се трудел да го направам она што сум мислел дека можам, се трудев тоа да биде професионално на високо ниво и да биде блиско до слушателите односно гледачите, потенцира Симјаноски.

Вели дека повеќе нема да ја работи емисијата „Филмско око“, сакајќи да го отстапи местото на помладите, оние кои ја сакаат филмската уметност.

– Досега немам заменик но се надевам ќе се најде. Љубовта кон филмската уметност во мене тлее и понатаму, не се откажувам од неа, сега пишувам за еден портал, рече Симјаноски.

Тој е и човек од радиото. Зад себе има 32 годишен стаж како надворешен соработник во Радио Охрид од 1975 до 2006 година на повеќе позиции. И покрај брзиот технолошки напредок, радиото и натаму останува медиум со со голема моќ.

– Сега во овие модерни времиња веќе може да се слуша секаде, со појавата на интернетот, мобилните телефони, достапно е секаде и во секое време, само треба да одберете, а Супер радио е едно од подобрите радио станици, рече Симјаноски.

Она со што се занимава во пензионерските денови е уште една негова голема љубов, а тоа е фотографирањето. Убавите моменти кои ги регистрира со објективот за време на прошетките низ Охрид, ги пренесува и на светот, преку фејсбук и останатите медиуми што го овозможуваат тоа. Дел од нив ги објавуваме во рамките на рубриката „Охрид денес, ФОТО приказна“ на OhridPress.

– Да се слика и да се направи убава фотографија, стана еден поголем предизвик за мене сега како пензионер го користам слободното време за прошетка низ градот, сликајќки ги убавините на Охрид. Ете, дел од форографиите се пренесуваат и кај вас, истакна Симјаноски.

Тој е член на Фото клубот „Охрид“, но со жалење констатира дека и по 20 години од постоењето 20-ната членови на клубот немаат сопствени простории каде би требало да се сретнат љубителите на фотографијата. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest