izlozba_kilimi_640x360

Килими од 19-ти век ќе бидат презентирани на изложбата „Софрата“ во охридските килими

Охрид, 17. октомври 2018 (ИНПРЕС) – Во петок, 19-ти октомври, во Куќата на Робевци со почеток во 13:00 часот ќе биде отворена изложбата „Софрата“ во охридските килими.

Килимите кои ќе бидат презентирани на оваа изложба потекнуваат од Охрид од втората половина на 19 век.Тие се сведоци за постоењето на една традиција, присутна во охридската куќа како на подовите, така и на ѕидовите. Како најкарактеристичен дел во килимите што е предмет на оваа изложба е софрата.

– Се претпоставува дека овие килими се исткаени од вредните раце на охриѓанки, а некои се работени и по порачка. Но едно се знае: охридските килими се рачно ткаени на хоризонтален разбој, со техника на мазно двонитно ткаење, еднакво за лицето и опачината, а орнаментите се изведени рачно, со прсти и набиени со брдо. Килимите се под големо влијание на ориенталните и пиротските килими што најмногу се забележува во шарите. Тие се составени од повеќе делови т.н. тени, а композицијата главно се сведува на бордура, поле и  централна петоаголна софра или ниша. Материјалот во основата  е памук или коноп, јатокот е волна, вели м-р Марија Каневче  советник кустос етнолог во НУ Завод и Музеј Охрид.

Килимите биле сопственост на побогатите слоеви на христијанското охридско население за што сведочат натписите со имињата на сопствениците, а исто така го прикажувале и статусниот симбол на сопственикот во општеството.

Килимената орнаментика во Охрид јасно го одделува од другите балкански и македонски килимарски центри , со што го прави најзначаен и најоригинален центар во овој регион. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest