Missing image

Скопјанец продавал сијалици произведени во Кина како украински

Скопје, 5. октомври 2014 (ИНПРЕС) – Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, поднесе кривична пројава против 59-годишниот С.А. и против правното лице ТП „Кувајт Пром“ – Сејдула ДООЕЛ Скопје, за сторено кривично дело „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“.

Пријавениот во својство на сопственик и управител на правното лице, спротивно на прописите на индустриска сопственост во мај годинава од фирма од НР Кина купил и увезол во Република Македонија 131.000 парчиња сијалици преставувајќи како да се оригинални од заштитена трговска марка „Искра“, наводно произведени во Украина. Истите ги складирал во складот во седиштето на неговата фирма лоциран во селото Студеничани и како наводно оригинални производи ги продавал на територијата на Република Македонија.

Преку својата фирма С.А. имал воспоставено деловни односи со фирмата „Искра“ од Украина, од каде што набавувал производи од електрорасветната област, но поради настанатата ситуација во Украина, фирмата не била во можност да ги задоволи потребите на фирмата од Скопје. Со цел наоѓање производи за пласман на подрачје на Република Македонија, воспоставил контакт со фирма од Кина, каде што неговиот син лично отишол и однел примерок од оригинален производ-сијалица марка „Искра“ и побарал да му се произведуваат сијалици со облик, лого и опаковка на „Искра“ како да се оригинални, во име и за сметка на правното лице на пријавениот. (Крај)

извор: МВР фото: МВР