igorbezoski

Бежоски: Вкупните долгови на општина Охрид се околу 20 милиони евра

Охрид, 31. октомври 2018 (ИНПРЕС) – Вкупните долгови на општина Охрид, и по основ на камати и по основ на главница изнесуваат околу 20 милиони евра, вели секретарот на општина Охрид Игор Бежоски.

Во изјава за Порталб, тој напоменува дека од нив скоро 13 милиони евра отпаѓаат на камати, но сумата не може сметковдоствено да се евидентира бидејќи се менува постојано, дури и на дневна основа поради пресметка на каматите.

– Со буџетските пари планираме да ја продолжиме досегашната пракса – враќање на долгови кон доверители, со предност за оние кои ќе одлучат да се откажат од камати. На пример, ако имаме доверител кој ќе се откаже целосно од каматите, тој би имал приоритет во раздолжувањето. Секако, случаите се различни, на пример, камата на долг од 1 милион евра и камата на долг од 100.000 евра не е исто, така што ќе се постават критериуми врз основа на кои ќе се раздолжуваме, вели Бежоски.

Сметката на општина Охрид е блокирана подолго од шест месеци, во континуитет, од 2002 година досега, а вкупниот износ на неизмирени обврски над 60 дена надминува 80% од реализираните приходи на основниот Буџет, но во случајов блокадата е поголема од вкупниот приход во претходната година. На крајот од 2017 година, во евиденцијата на општина Охрид прикажани се неизмирени обврски (долгови) за кои имало судски постапки но се` уште нема извршни решенија во износ од 470.000 евра. Но дополнително, по основ на извршни решенија општината има неизмирани обврски во вредност од 8,8 милиони евра.

Министерот за финансии Драган Тевдовски неодамна објави дека секоја општина ќе добие неповратни средства за да покрие 51% од пријавените обврски. Овие средства се предвидени со ребалансот на буџетот.

– Средствата кои ќе се доделат на единиците на локалната самоуправа како финансиска поддршка се строго наменски и неповратни. Целта е да се зајакне фискалниот капацитет на единиците на локалната самоуправа, сервисирање на долговите и раздолжување кон стопанството, рече Тевдовски.

Министерот за финансии посочи дека освен решавање на проблемот со долговите на општините, Владата ќе воспостави механизам за спречување на акумулирање на долгови во иднина. Се предлагаат измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа со воспоставување на фискално правило за планирање на сопствените приходи на основниот буџет на единиците на локалната самоуправа. (Крај)

извор: ИнПрес/ПортАлб фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest