backdoorbandcorner

Кољушевски: Деби албумот го планираме за догодина

Охрид, 6. ноември 2018 (ИНПРЕС) – The Backdoor band е еден од оние рок бендови кои ја освоија публиката, веднаш по појавувањето пред осум години, не само во Охрид, туку и во цела Македонија.

Нивната популарност расте од година во година, не само поради впечатливиот изглед, туку поради извонредниот Rock`N`Roll кој го свират. Кога „кокетираат“ со публиката не одат на сигурна карта, туку тоа го прават преку Blues rock, Hard rock и  Heavy Metal музиката. Групата има остварено голем број настапи и надвор од Македонија, во Германија, Норвешка, Романија, Босна и Херцеговина, Србија и Албанија. Имаат објавено пет  синглови, кои добија и видео записи. Во моментов работат на својот деби албум, а минатиот викенд ја прославија осум годишнината од формирањето на бендот.

Тапанарот Никола Кољушевски Ози беше гостин во „Радио Корнер“ на Супер радио. Разговаравме за сето она што се случуваше со бендот изминатите 8 години, но и за она за што бендот го сонува во годините кои се пред нас.

Супер радио: Најпрво честитки за осум годишнината од формирањето на бендот. Да се навратиме на самите почетоци. Чија беше идеата и како се роди The Backdoor band? Постoи ли некаква посебна симболика во името The Backdoor band?

Кољушевски: Пред осум години, бендот имаше експериментални формации, а пред официјализирањето, јас последен се приклучив. Името си дојде од „Backdoor man“, песна на Billy Dixson, која ја обработија и The Doors. Во разговорна смисла, на македонски јазик би значело „швалер“, момците кои ѕиркаат од позади вратата.

Супер радио: Во моментов во поставата на бендот сте тројца, со Жарко Јакимоски како вокал и Лазе Фармакоски на гитара, но бендот имаше свои етапи во кои членуваа и други момци?

Кољушевски: Уште од самото формирање на бендот тапанар беше Климент Дукоски, а јас дојдов на негово место. Своевремено дел од бендот беа и Дарко Кипаризоски на клавијатури и Александра Марковиќ на бас гитара. Тоа се сите трансформации на поставата кои бендот ги доживеа изминативе осум години.

Супер радио: Родендените се одлична можност да се погледне наназад. Сведоци сме на тоа дека во денешно време бендовите се појавуваат како печурки, но ретко кој од нив има континуитет. Што е она што го одржа во живот The Backdoor band?

Кољушевски: Бендот е тим, а во секоја тимска работа треба да постои доверба, почит и искрено другарство. Кога членовите на еден бенд живеат како браќа, тоа е таа енергија која ги движи работите напред, тоа е нашето другарство, но и нашата огромна љубов кон рок-енд-ролот.

Супер радио: Препознатливи сте по многу нешта, но и поради една првомајска практика, кога The Backdoor band во Охрид прави мошне уникатен, мобилен, уличен концерт на камион. Како дојде до идеја за „Truck and Roll“, концерт со невообичаена сцена, која е мобилна и го забавува цел град?

Image result for Truck and Roll ohrid

Кољушевски: Пред некои 5-6 години сакавме да направиме некој настан, но не сакавме да биде класичен. Се одлучивме тоа да биде на начин на кој никој дотогаш во Македонија не го направил. Сцената ја направиме на камион, свиревме низ охридските улици и да ви кажам стана навистина интересно и тоа практикувавме да го правиме и следните години. Од сето тоа произлезе и фестивал на кој ни гостуваа два бенда од Данска.

Супер радио: Се појавивте во 2010 година, а првиот сингл го снимивте после три години, во 2013 година, тоа беше првенчето „На задна врата“, кое се појави со видео спот во продукција на Даниел Јовески. Потоа следеа уште четири други песни. Впечатокот е дека многу бавно се движат работите кон прв албум.

Кољушевски: Албум ќе следи сигурно, навистина не би можел да прецизирам детали, бидејќи ние сосема спонтано ги правиме нештата. Но она што би сакал да го откријам е дека најдоцна до крајот на оваа година ќе го објавиме нашиот нов сингл со видео запис, а веднаш потоа на почетокот од следната година можеби ќе изненадиме и со деби албумот.

Супер радио: Се` на се вака после осум години, колку сте задоволни од сето она што му се случуваше на бендот изминативе години?

Кољушевски: Покрај тоа што сме чести гости низ македонските клубови, The Backdoor band  имат настапувано во Германија, Норвешка, Романија, Србија, Босна и Херцеговина, Србија итн. Турнејата во Норвешка траеше три недели, бевме три пати во Германија, а догодина планираме шест неделна турнеја во Германија. Би рекол дека сме задоволни со сето тоа што му се случуваше на бендот изминативе осум години.

Супер радио: Осум години активно сте присутни на сцената. Кога станува збор за underground музиката која Вие ја свирите, каков е Вашиот впечаток, кога сцената беше подобра/полоша?

Кољушевски: Иако во 90-тите години не бевме активни како бенд, сепак тоа се некои златни години за underground сцената кај нас, барем за типот на музиката кој ние го свириме. Би го нарекол „бижутерија“ сето она што и се случува на музичката сцена во овој момент.

Супер радио: Пред крај сме, каков совет ќе им дадеш на новите клинци кои тргнале по Ваши стапки?

Кољушевски: Би рекол дека најважно е да веруваат во себе и да веруваат во тоа што сакаат да го прават.

cornerbistro-novo

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Bistro Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ИнПрес фото: ИнПрес

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest