ohridskoletologo-640x359

Хуманитарен концерт на „Охридско лето“ со врвните руски уметници Синчук и Науменко

Охрид, 8. ноември 2018 (ИНПРЕС) – Директорката на Националната установа фестивал „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, в недела, на 11-ти ноември во црквата „Света Софија“  со почеток во 19:00 часот  ќе организира хуманитарен концерт на класична музика со врвните руски уметници пијанистот Александар Синчук и флејтистот Артем Науменко.

Тие ќе изведат дела од Бах, Доплер, Рахмањинов, Алиабиев, Прокофјев, Кларк, како и од други композитори.
Настанот од областа на класичната музика ќе биде бесплатен за посетителите, а на влезот од црквата ќе има кутија за донации, каде што посетителите ќе можат да дадат свој придонес за 15-годишната охриѓанка Сара Настеска на која и’ се неопходни средства за лекување во Германија.

Младиот пијанист Александар Синчук е роден во градот Находка, Приморски Крај во Русија. Како студент на московскиот конзерваториум под менторство на професорот Валери Пиасетски, почесен уметник на Руската федерација, Александар Синчук стана лауреат на многу престижни натпревари по пијано.  Меѓу другите има и Прва награда на Четвртиот Меѓународен натпревар на Рахманинов и златен медал на Деветтиот меѓународен натпревар за млади пијанисти во сеќавање на Владимир Хоровиц.

Artem Naumenko

Во февруари 2009 година, Александар Синчук успешно дебитира во салата Карнеги Хол  во Њујорк. Во 2010 година младиот пијанист изведе 37 концерти на големата турнеја низ САД, а во февруари 2017 година учествуваше на церемонијата за затворање на третите Светски Игри насловени како ЦИСМ во Сочи. Неговите настапи денес се одржуваат во најдобрите концертни сали низ Русија и во странство.

Флејтистот Артем Науменко е роден во 1992 година во Саратов, Русија. Со музика започнува уште од петгодишна возраст. На 10 години Артем влегува во Централното музичко училиште во Москва, и студира со професорите Јури Должиков и Александар Голишев.

Aleksandar Sincuk

Во 2010 година, го завршува училиштето со почесен успех и го продолжува своето образование на  Државниот конзерваториум „Чајковски” во Москва, исто така со професор Голишев  каде што дипломира со почести во 2015 година. Две години подоцна, Артем  магистрирал на флејта и продолжува со студиите на Конзерваториумот во Париз во класата за камерна музика на професорот Мишел Морагуес.
Тој е лауреат на Интернационалниот телевизиски натпревар во 2006 година и победник на Меѓународниот натпревар во Падова, Италија, во категориите на дувачки инструменти и виртуози во 2007 година. Победник е и на  натпреварот Млади таленти на Русија во 2008 година. (Крај)

извор: Охридско лето фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest