HIV-AIDS

Бесплатни анонимни тестови за ХИВ по повод 1-ви декември Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА

Охрид, 30. ноември 2018 (ИНПРЕС) – И Охрид се приклучува кон светската кампања по повод 1-ви декември, Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА, а се одвива под мотото „Спасување животи преку лидерство и партнерства“.

Бројни активности ќе бидат реализирани од страна на невладината организација „Опција“ од Охрид, восоработка со охридскиот Црвен крст, а со финансиска поддршка од општината.

Во склоп на активностите, ќе се одржат анонимни доверливи и бесплатни тестови за ХИВ, наманети за општа популација.

– Во „Опција“ веќе повеќе од седум години се достапни бесплатни тестови за ХИВ, наменети за целната група. Но, по потреба, доколку некој од општата популација изрази желба за тестирање, може да се обрати кај нас за да се договори термин. Имаме советувач со соодветна обука и медицинско лице за вршење на тестовите. ХИВ статусот се дознава за 10 минути, со земање на капка крв од прст, вели за Супер радио и OhridPress, социјалниот работник Јулијана Настоска.

Освен тестови и годинава ќе се одржат едукации за превенција од вирусот, начинот на пренос, симптоми, начинот на тестирање и дознавање на статусот и третманот. Истите ќе бидат насочени кон: лицата кои издржуваат затворска казна, лицата кои се стабилизирани на метадонска терапија, сексуалните работници и лицата кои инјектираат дрога. Едукатори ќе бидат д-р Јованка Стурлакова Коровешоска од Црвен крст Охрид, д-р Весна Лаброска од Центар за превенција и третман на болести на зависност од дроги од ЈЗУ Општа болница – Охрид и Бети Стојкоска од НВО „Опција“.

Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА прв пат е одбележан во 1988 година и е прв глобален ден за здравјето.
ХИВ е скратеница за хуманиот вирус на имунодефициенција. Тоа е вирус кој го напаѓа имуниот систем. Имуниот систем помага да се заштитиме од болест. Кога нашиот имун сиситем е ослабнат, организмот е помалку способен да се бори со болести. Инфекцијата со ХИВ води кон СИДА (синдром на стекната имунодефициенција). Ако некое лице е ХИВ позитивно, тоа значи дека крвниот тест покажува дека вирусот е присутен во организмот. Се додека вирусот не го нападне имуниот систем (понекогаш по многу години), тоа лице нема СИДА.

ХИВ се шири преку инфицирани телесни секрети, доколку тие доспеат во крвта кај друг човек. Го напаѓа имуниот систем, чија улога е борба против инфекција и спречување на растот на повеќето канцери. Кога вирусот ќе го нападне имуниот систем, во организмот настанува битка која може да трае повеќе години. Во тој период, инфицираните луѓе не чувствуваат никакви симптоми. Со поминување на времето, доаѓа до оштетување на имуниот систем и тој веќе не може да работи така добро.

СИДА означува синдром на стекната имунодефициенција. Кога ХИВ долго време се борел со имуниот систем и тој се исцрпил, почнуваат да се јавуваат инфекции и други болести, со тешки последици за организмот и на крајот со смрт. Обично поминуваат повеќе години пред да настапи оваа фаза. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest