julenastoska1

Настоска: ХИВ статусот се дознава за 10 минути, со земање на капка крв од прст

Охрид, 1. декември 2018 (ИНПРЕС) – ХИВ статусот се дознава за 10 минути, со земање на капка крв од прст, вели за Супер радио и OhridPress, социјалниот работник Јулијана Настоска од невладината организација „Опција“ од Охрид, од каде со низа активности ќе се прослави 1-ви декември, Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА.

Планирани се бројни активности, но и анонимни доверливи и бесплатни тестови за ХИВ, наманети за општата популација.

– Во „Опција“ веќе повеќе од седум години се достапни бесплатни тестови за ХИВ, наменети за целната група. Но, по потреба, доколку некој од општата популација изрази желба за тестирање, може да се обрати кај нас за да се договори термин. Имаме советувач со соодветна обука и медицинско лице за вршење на тестовите. ХИВ статусот се дознава за 10 минути, со земање на капка крв од прст, вели за Супер радио и OhridPress, социјалниот работник Јулијана Настоска.

Освен тестови и годинава ќе се одржат едукации за превенција од вирусот, начинот на пренос, симптоми, начинот на тестирање и дознавање на статусот и третманот. Истите ќе бидат насочени кон: лицата кои издржуваат затворска казна, лицата кои се стабилизирани на метадонска терапија, сексуалните работници и лицата кои инјектираат дрога. Едукатори ќе бидат д-р Јованка Стурлакова Коровешоска од Црвен крст Охрид, д-р Весна Лаброска од Центар за превенција и третман на болести на зависност од дроги од ЈЗУ Општа болница – Охрид и Бети Стојкоска од НВО „Опција“.

Волонтерите на Црвен крст – Охрид и ЗГ „Опција“ од Охрид, денес на вработените и посетителите во градските кафулиња, маркети, продавници, ќе ставаат црвени панделки како универзален симбол за свеста дека СИДА-та постои и како поддршка на оние кои живеат со СИДА, а ќе бидат делени и едукативни флаери за начинот на пренесување, превенција и заштита од инфекција со ХИВ вирусот.

– Во основните и средните училишта ќе бидат дистрибуирани типизирани предавања со цел учениците да се запознаат со основните наења за вирусот на ХИВ, начин на пренесување и заштита. Во текот на Неделата на борба против СИДА, едукаторите за СИДА на Црвен крст Охрид ќе реализираат интерактивни едукативни предавања, работилници и трибини за младите во просториите на Црвен крст Охрид и во училиштата. Во соработка со Центар за јавно здравје Охрид и ЗГ „Опција“ од Охрид предвидени се и едукативни работилници во казнено поправните установи во Охрид и Струга. Активностите кои секоја година се организираат по повод Светскиот ден за борба против СИДА и Неделата на борба против СИДА имаат за цел да го свртат вниманието на јавноста за значењето на превенцијата и раното откривање на инфекцијата со ХИВ вирусот. И оваа година активностите во кампањата за борба против ХИВ/СИДА се во соработка и поддржани од Canadians for Children at Health Risk од Канада, информираат од Црвен крст – Охрид. (Крај)

извор: ИнПрес фото: архива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest