Makedonija2-1-830x623

Седмоодделенец од Хрватска со потекло од Охрид е европски шампион во роботика

Загреб/Охрид, 7. декември 2018 (ИНПРЕС) – Се трудам да го научам македонскиот литературен јазик и, секако, културата на македонскиот народ. Го изучувам во моето училиште. Најтешко ми е зборувањето. На наставата по македонски понекогаш слушаме и разговараме за познатите пејачи од Македонија. Така дознавам што е ново и што се слуша кај вас, вели Борут.

Борут Патчев има 13 години, живее во Хрватска, има македонско потекло, ја обожава роботиката и има еден куп награди од европски првенства. Овој седмоодделенец стана европски првак во роботика во категоријата Rescue Line до 14 години, на Европското првенство RoboCup Junior во Пескара, Италија. Многу медали од европски натпревари има во својот дом во Загреб ова талентирано дете, јави порталот deca.mk.

За работилниците по роботиката тој дознал од  пријател и не му требало многу да ја засака.

– Роботиката во наставата по техничка култура се споменува површно, но ако сакате повеќе да се занимавате, мора уште многу да учите и да работите сами или со професорот. Ако почнам да објаснувам колку е комплицирана роботиката и програмирањето, тогаш се плашам дека нема да им бидам интересен на читателите, вели на шега седмоодделенецот во Основното училиште „Иво Андриќ“ во Загреб.

Математика е негов омилен предмет, а се натпреварува во текот на последните две години. Првиот натпревар му бил вреднуван со златен медал на државно ниво.

– Минатата година бев на неколку меѓународни натпревари во Словенија и во Австрија. Победив и на Европско првенство во Италија. Ова лето бев на Светско првенство во Канада. Пред неколку дена победив и на Отвореното првенство во Загреб и влегов во Хрватската репрезентација што ќе ја претставува Хрватска на Светското првенство во Сиднеј, Австралија, што ќе се одржи во јули годинава, вели Борут.

Кога бил помал, тој ги поминувал цели лета во Охрид кај неговиот дедо и фамилијата. Всушност, со неговиот дедо и најмногу зборува македонски јазик.

– Целото мое семејство го сака Охрид и секое лето се трудиме да најдеме неколку слободни дена за одмор покрај Охридското Езеро. Последните години во текот на летото имам кампови по роботика и натпреварувања и, за жал, сѐ помалку имам време за Охрид, вели Борут.

Неодамна тој учествуваше на конференцијата „Подобро образование, подобра Хрватска“ што се одржа во Загреб. (Крај)

извор: deca.mk фото: deca.mk

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedInPin on Pinterest